Пехчево
Пехчево | |
---|---|
Град | |
Средиштето на Пехчево | |
Местоположба на Пехчево во Македонија | |
Координати: 41°45′00″N 22°53′00″E / 41.75000° СГШ; 22.88333° ИГД | |
Држава | Македонија |
Регион | Источен Регион |
Општина | Општина Пехчево |
Надм. вис. | 998 м |
Население (2021) | |
• Вкупно | 2,471 |
Демоним | Пехчевци (мн.) |
Час. појас | UTC+1 |
• Лето (ЛСВ) | UTC+2 (UTC) |
Повик. бр. | +389 033 |
Рег. таб. | PE |
Пехчево — мал град во областа Малешевија и административно седиште на Општина Пехчево. Познато е по зимскиот туризам.
Потекло на поимот
Според преданијата, се вели дека Пехчево го добил името по некои печки кои биле сместени под падините на планината Буковик. Овие печки биле поставени заради рудниците коишто се наоѓаат на падините на Буковик, а кои биле од потреба за обработка на рудата. Според тоа, Пехчево било нарекувано Печково. Но со текот на времето со доаѓањето на Отоманците, градот го променил името во Пехчево.
Географија
Пехчево се наоѓа во крајниот источен дел на Република Македонија, во областа Малешевија, оддалечено 10 километри северно од Берово и 27 километри јужно од Делчево. Околу 20% од територијата на општината Пехчево се обработливи површини, а останатиот дел се пасишта, шуми и необработливо земјиште. Пехчево се наоѓа на 1.000 метри надморска височина и по Крушево, претставува вториот највисок град во Македонија.
Историја
Пред стапнувањето на Отоманците во Малешевијата, кон крајот на 14 век (1394-1395 г.), дел од месното население на Пехчево, се занимавало со експлоатација на железна руда од Буковик. Според пишаните документи од 1580 година, овој рудник почнале да го експлоатираат турските власти. Поради добрата местоположба, во Пехчево се населиле нови жители, претежно муслимани, по потекло од ридско-планинските предели од Мала Азија. Со новите сожители, Пехчево во втората половина на 18 и почетокот на 19 век добива ориентален лик. Поради ваквата физиономија на гратчето, Османлиите го нарекле Османли Касаба (во груб пребод: Османлиско Гратче), како и поради погодната географска положба и отвореноста кон сите муслимани. Веќе кон крајот на 19 век, гратчето пораснало во голем административно средиште на османлиската управа за поширокиот регион на целата Малешевска област. Токму во тоа време била создадена и Пехчевската каза со седиште во Пехчево. Во последните години од 19 век, во Пехчево имало девет ана сместени во средиштето на гратчето, саат-кула со специфично ѕвоно кое се слушало надалеку, управна зграда на каза (уќумат), аптека и други градби. За време на Првата светска војна, повеќето од градботе кои имале ориентални облици, меѓу кои и обновената саат-кула, биле разурнати. Во оваа војна, Пехчево губи и голем број од своите жители, како резултат на иселувањето, претежно од муслиманското население.[1]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во гратчето Пехчево имало 4.070 жители, од кои 3.300 Македонци муслимани, 700 Македонци христијани и 70 Роми.[2]
Вкупно 7 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[3]
Клима
Климата во општината и градот е континентална, со умерено топли лета и долги студени зими. Просечната годишна температура е 9 °C, а просечната релативна влажност изнесува 72% со врнежи од 544,3 mm годишно.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Пехчево живееле 4.070 жители, од кои 700 Македонци православни, 3.300 Македонци муслимани и 70 Роми.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, градот имал 1.350 Македонци, 100 Турци и 50 други..[5]
- Етнички групи
Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 3.237 жители и спаѓал во групата на мали градови.[6] Етнички гледано, населението е составено од:[7]
Народ | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
Македонци | 3.067 | 94,75 |
Турци | 31 | 0,96 |
Роми | 123 | 3,80 |
Власи | 2 | 0,06 |
Срби | 6 | 0,19 |
други | 8 | 0,25 |
- Јазик
Во градот се зборуваат следниве јазици[7]:
Јазик | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
македонски | 3.124 | 96,51 |
турски | 15 | 0,46 |
ромски | 88 | 2,72 |
српски | 15 | 0,15 |
други | 15 | 0,15 |
- Вероисповед
Во Пехчево се застапени следните религиски групи[7]:
Вероисповед | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
Православни | 3.078 | 95,09 |
Муслимани | 139 | 4,29 |
други | 20 | 0,62 |
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Пехчево:
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Години | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | Лица без под. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 1.687 |
1953 | 1.410 | 0 | 140 | 8 | 0 | 123 | — | 69 | — | 1.750 |
1961 | 1.696 | 3 | 60 | — | — | 50 | — | 18 | — | 1.827 |
1971 | 1.788 | 3 | 40 | 22 | — | 15 | — | 10 | — | 1.878 |
1981 | 2.315 | 5 | 17 | 69 | 0 | 11 | — | 23 | — | 2.440 |
1991 | 2.880 | 1 | 23 | 88 | 1 | 9 | — | 5 | — | 3.007 |
1994 | 2.892 | 0 | 23 | 99 | 1 | 8 | — | 9 | — | 3.032 |
2002 | 3.067 | 0 | 31 | 123 | 2 | 6 | 0 | 8 | — | 3.237 |
2021 | 2.284 | 1 | 32 | 32 | 1 | 3 | 1 | 27 | 90 | 2.471 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Самоуправа и политика
Избирачко место
Во градот постојат избирачките места бр. 19, 20 и 21 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[8]
На претседателските избори во 2019 година, на овије изборни место биле запишани вкупно 2.549 гласачи.[9]
Религија
Во Пехчево мнозинството од населението е со православна христијанска веросисповест, а има и муслиманска вероисповед.
Стопанство
Главните стопански и индустриски гранки во Пехчево се лесната индустрија, земјоделството и сточарството. Лесната индустрија е застапена со дрвопреработувачкиот, огноотпорниот и конфекцискиот сектор. Исто така ЈП „Македонски шуми“ има подрачна единица во Пехчево. К ако најзначајна фабрика во Пехчево од областа на лесната индустрија е фабриката „БОМЕКС Рефрактори“. Од дрвната индустрија позната фабрика е „ФАГУС“.
Општината важи за еколошки чист регион и има потенцијали за развој на туризмот и производство на здрава храна. Сите села во околината се поврзани со Пехчево со асфалтирани патишта, и имаат развиена електрична и телефонска мрежа.
Природни и културни знаменитости
На само 10км од Пехчево се наоѓа познатото туристичко место Равна Река. Тука се наоѓаат познатите Пехчевски Водопади, изворот на Брегалница, летниковци и спортски терени. Местото изобилува со викендици и два рибника.
- Паркови и зеленило
- Градски парк - главниот парк кој е на југот на градот
- Езерце - парк и природно езерце/бара кое е на југоистокот на градот
- Археолошки наоѓалишта
- Буковиќ — населба од доцноантичко време;
- Во Реката — рудник од доцноантичко време;
- Градиште (или Манастириште) — градиште од римско време;
- Манастир — старохристијанска црква;
- Рудиште (или Раковец) — доцноантичка и средновековна рударска населба; и
- Селиште — населба од доцноантичко време.
Образование
- Детска градинка „7 Септември“
- ОУ „Ванчо Китанов“
- Гимназија „Ацо Русковски“
Култура
Од областа на културата, организирани се разни манифестации меѓу кои:
- Распеано Малешевче - Фестивал на детски песни и ора
- Кинопроекции
- Народни ора - КУД „Јане Сандански“
Спорт и рекреација
За спорт и рекреација е изградена спортска сала „Јане Сандански“ каде што младите го поминуваат своето слободно време.
Личности
- Владимир Бочваров (1896 - 1955), лекар во Бугарија
- Георги Ќосев (? - 1915), македонски револуционер
- Димитар Попгеоргиев, македонски правник
- Стојан Вардарски (1900 - ?), македонски револуционер
- Стојан Кантуров (1884 - 1959), македонски револуционер
- Атанас Раздолов (1872-1931), македонски поет
- Дара Борисова — учесник во НОВ на Македонија, носител на Орден заслуги за народ.
- Ванчо Китанов (1925-1943), макeдонски револуционер
- Атанас Костовски (1 август 1938), легенда на македонското спортско новинарство
- Кирил Андоновски (15 јули 1942), македонски театарски и филмски глумец
Галерија
-
Пехчево гледано од исток
-
Поштата во Пехчево
-
Споменик на Крсте Петков Мисирков
-
Општинската зграда
-
Општински центар за услуги
-
Основното училиште во Пехчево
-
Центарот на Пехчево
Поврзано
Наводи
- ↑ Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр.60
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 228.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1900, стр. 228.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Стојмилов, Александар; Апостоловска - Тошевска, Билјана (2016). Социоекономска географија на Република Македонија (PDF) (II доп.. изд.). Скопје: Природно-математички факултет. стр. 91. ISBN 9989-668-50-7.
- ↑ 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 14 јули 2016.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
Надворешни врски
„Пехчево“ на Ризницата ? |
- Општина Пехчево
- Општина Пехчево на МЛС[мртва врска]
- Чодосова колиба Архивирано на 14 декември 2010 г.
|
|