Куманово
Куманово | |
---|---|
Град | |
Местоположба на Куманово во Македонија | |
Местоположба на Куманово во Македонија | |
Координати: 42°08′00″N 21°43′00″E / 42.13333° СГШ; 21.71667° ИГД | |
Држава | Република Македонија |
Регион | Североисточен Регион |
Општина | Општина Куманово |
Првпат споменат во | 1519 |
Управа | |
• Градоначалник | Максим Димитриевски (ЗНАМ) |
Надм. вис. | 330 м |
Население (2021) | |
• Вкупно | 75,051 |
Демоним | Кумановци (мн.) |
Час. појас | UTC+1 |
• Лето (ЛСВ) | UTC+2 (UTC) |
Повик. бр. | +389 031 |
Рег. таб. | KU |
Мреж. место | www.kumanovo.gov.mk |
Куманово — град кој се наоѓа во североисточниот дел на Република Македонија, на надморска височина од 340 метри, распространет од двете страни на Липковска Река, Коњарска Река и Кумановска Река, и претставува административен и економски центар на областа Жеглигово, која е заградена со високи планини. Куманово е трет град по број на жители во Македонија и има население од 70.842 жители (2002), од кои 42.840 се Македонци, а според Пописот од 2021, втор со 75.051 жител, од кои 43.280 се Македонци. Градот Куманово е административно седиште на истоимената општина.
Етимологија
[уреди | уреди извор]Според легендата името на населбата потекнува од името на воинственото племе Кумани кои во 1094 година, навлегле во овој крај и извесно време се задржале на територијата на денешната кумановска општина и пошироко.[1][2][3]
Историја
[уреди | уреди извор]Археолошки наоѓалишта
[уреди | уреди извор]На територијата на Куманово, постојат следните археолошки наоѓалишта:
- Градиште (Бедиње)[4]
- Бел Брег - некропола од железното време[5]
- Куманово - осамен наод од античкоримско време од вотивен мермерен релјеф[5]
- Куманово - осамен наод од античкоримско време од ара[5]
13-17 век
[уреди | уреди извор]Се претпоставува дека Куманово било основано во XII век во близина на селото Жеглигово, со цел да го чува преминот меѓу реките Вардар и Јужна Морава. Првите изворни податоци за Куманово претставуваат османлиските пописни дефтери од 1519 година, во кои населбата се споменува како село во состав на Нагоричката нахија, која пак била дел од Ќустендилскиот Санџак, со 52 семејства и околу 300 жители. Како градска населба (касаба) се споменува во втората половина на XVII век.
Се претпоставува дека населбата во овој период има слабо развиено стопанство. Тоа го потврдуваат и патописните забелешки на Евлија Челебија од 1660 година, според кои населбата имала околу 600 куќи покриени со ќерамиди. Тој понатаму вели дека чаршијата ја сочинувале голем број на занаетчиски и трговски дуќани и дека во него има убава џамија, а самата населба била опкружена со многу бавчи, лозја и голем број воденици.[6]
Карпошово востание
[уреди | уреди извор]Во 1689 г. при продирањето на Австријците на Балканот, водачот на востаниците од северниот дел на Македонија, Карпош се прогласува за „крал од Куманово“ што покажува дека Куманово како населба била на добар глас. Имено како сообраќаен крстопат имал значајна економска важност каде трговијата била значително развиена. Со тоа успева да ги надмине конкурентните средишта (Табановце, Нагоричане, Стрезовце и Клечевце) во својата најблиска околина. Таквиот стопански раст бил прекинат со австрискиот поход на Балканскиот Полуостров. Како и повеќето градови во Македонија, Куманово бил во опаѓање, но не исчезнал како населба. По бурните настани (Карпошовото востание во 1689 година) настанала стагнација на градот, и тој сè до крајот на XVIII век претставува типична турска касаба.
18-19 век
[уреди | уреди извор]Сè до крајот на XVIII век тоа имало претежно аграрна физиономија со околу 300 куќи. Ами Буе во 1836 година забележал дека во Куманово живеат околу 3.000 жители, а било познато како богато сточно пазариште. Во развојот на градот значајно влијание имале изградбата на државното џаде Скопје-Куманово-Врање во седмата деценија од XIX век и посебно пуштањето во употреба на Моравско-вардарската железница во 1888 година. Тогаш Куманово станало значајно миграциско средиште. Во него се доселувале Грци од Јанина и Власи од Крушево, а еден четврт бил наречен Велешки, бидејќи повеќе од семејствата овде биле дојдени од Велес. Во градот интензивно започнал да се развива занаетчиството и трговијата, така што во почетокот на XX век населението се наголемило на 14.530 жители. Во периодот меѓу двете светски војни, Куманово многу не напреднало, во 1931 година неговото население броело 16.984 жители.[7]
Во текот на XVIII век е спомнати двапати (1706 г. и 1792 г.) во белешките на патници кои преноќиле во градот, но без некои посебни податоци.
Во следниот, XIX, век Куманово успева да се оддели од околните населби и интензивно да напредува. Ова е период кога Куманово се споменува како важно пазариште за добиток и жито. Во исто време значително напредувало и угостителството кое воглавно било во рацете на Грци од Јанина, а подоцна и башиноселци. Наспроти нив, во текот на втората половина на XIX век некои занаети воопшто не биле развиени или пак нивното производство било далеку под побарувачката на пазарот.
Според патописецот Жан, во Куманово до средината на XIX век имало „20 христијански и уште толку турски куќи“. Градот постепено почнал да расте по 1865 година (тогаш имал 3 000 жители, односно 650 куќи од кои 350 биле македонски, 300 турски и 30 ромски колиби).
Причините за ваквиот раст на градот се во неговата улога на административно средиште и сообраќаен крстопат за патиштата кои одамна постоеле и оние поновите кои се граделе во седумдесеттите години на XIX век. Со изградбата на железницата во негова непосредна близина и добивајќи сопствена железничка станица, не само што ја зацврстува својата доминантна положба во однос на околните населби, туку и стопански се наметнува над нив, оневозможувајќи го нивниот поинтензивен развој.
Веќе во 1876 година, Куманово наликувало на голема градска населба, со образувана и развиена градска чаршија, која ја сочинувале над 250 занаетчиски и трговски дуќани, со 34 склада за сместување и продажба на жито и 33 ана. Десетина години подоцна, во градот веќе имало 330 дуќани, како и голем број магази и анови. Меѓутоа, вистинската преродба Куманово ја доживува дури по 1888 година, по поврзувањето на железничката линија со Солун, Скопје и Белград. Во тој период градот доживува експанзија во стопанството, трговијата и занаетчиството. Се појавила и граѓанска класа, која воедно е и носител на напредокот. Градското пазариште било богато со селско-стопански производи, додека трговците тргувале во сите краеви на Македонија, со Бугарија и Србија, како и со некои други земји.[8]
Како нормален одраз на тоа, Куманово станало привлечно имиграциско место за околното население и бележело поизразен раст на населението. Истовремено Куманово и стопански раснело и денес претставува град со развиени дејности од секундарниот и терцијарниот сектор. Водечко место има индустријата (металопреработувачка, текстилна, чевларско-кожарска, прехранбена, тутунска) потоа земјоделието и трговијата. Со својата местоположба и сообраќајно значење, развој и обликуваните градски функции, Куманово има три контактни гравитациски зони на влијание - спрема Крива Паланка, Кратово и Свети Николе. Истовремено тоа значи и функционално наметната моќност кон овие три правци што е една од причините за силен популациски и функционален раст на Куманово на сметка на растот на трите гореспоменати градски населби.
Стопански развој градот доживува дури при крајот на XIX век (земјоделство, занаетчиство и трговија), но во стопанскиот развој нема значаен подем на индустријата сè до крајот на Втората светска војна.
Прва половина на 20 век
[уреди | уреди извор]Во близина на Куманово на 23 октомври 1912 година е одржана и познатата Кумановска битка во која османлиските сили биле поразени од српската војска и биле натерани на повлекување од оваа територија. Во близината на ова место на наоѓалиштето кој се нарекува Зебрњак е изграден споменик кој подоцна делумно ќе биде разрушен од страна на бугарската војска за време на Втората светска војна.
Втора светска војна
[уреди | уреди извор]На 11 октомври 1941 година во Куманово и Прилеп, започнала антифашистичката борба на македонското население. По 1945 година Куманово доживувеало брз стопански, административен и културен развој.
Војна 2001
[уреди | уреди извор]Куманово во 2015
[уреди | уреди извор]На 9 мај 2015 било нападнато Диво Насеље во Куманово од страна на терористи на ОНА. Акцијата траела повеќе од 1 ден во која биле убиени 8 полицајци од македонска страна, 30 ранети полицајци и 10 терористи биле убиени во престрелката во Куманово.
Географија
[уреди | уреди извор]Градот Куманово се наоѓа во северниот дел на Република Македонија. Сместен е во источното подножје на Скопска Црна Гора, во источниот дел на Кумановското Поле на надморска височина од 330 метри. Поставен на главната сообраќајна артерија по Вардарско-моравската долина, Куманово има мошне добра сообраќајно-географска положба. Како сообраќаен јазол, освен трасираниот железнички сообраќај, низ него минуваат патишта кои на исток водат за Крива Паланка и Кратово, на југоисток за Свети Николе, на север за долината на Јужна Морава и на југозапад за Скопје.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]За сообраќајна поврзаност со соседите и други области, денес поголемо значење има Моравско-вардарската долина по која минува железничка линија и асфалтиран автомобилски пат, кој е изграден како современ автопат. Преку овој пат Куманово на југ има добра сообраќајна поврзаност со Скопје и долината на Вардар, а на север со Јужноморавскиот регион. Во напореден правец се користат два патни правци. Едниот од нив оди, главно, по долината на Крива Река, кон Крива Паланка и соседната Бугарија. На овој патен правец во поголем дел е изграден современ магистрален автомобилски пат, а со довршување на изградбата на железничката линија до границата со Бугарија ќе се овозможи полесно и побрзо поврзување со неа. Од овој патен правец кај Страцин се одделува еден крак кој овозможува сообраќајна поврзаност со Кратово. Вториот патен правец оди на југоисток и преку Овче Поле се одржуваат врски со источниот дел на Република Македонија. По долината на реката Пчиња Куманово се поврзува со Трговишката област и сообраќајниците по долината на Јужна Морава.
Населби во Куманово
[уреди | уреди извор]- Перо Чичо
- Гоце Делчев
- Зелен Рид
- Бедиње
- Карпош
- Ајдучка Чешма
- Пуковско
- Бабин Дол
- Железничка Станица
- Вера Которка
- Тромеѓа
Месни заедници
[уреди | уреди извор]- Градски
- Центар
- Панче Пешев
- 11 Октомври
- 11 Ноември
- Христијан Тодоровски Карпош
- Благој Стефковски Гојчо
- Тоде Мендол
- Перо Чичо
- Трета Македонска Ударна Бригада
- Гоце Делчев
- Абдула Прешева
- Бајрам Шабани
- Средорек
- Зелен Рид
- Приградски
- Проевце
- Иго Тричковиќ
- Козјак (населба Карпош)
- Долно Коњаре
- Липковско Езеро
- Јане Сандански (Бабин Дол)
- Бедиње
- Черкези
- Ајдучка Чешма
- Добрашане
- Тромеѓа
Хидрографија
[уреди | уреди извор]Хидрографската мрежа во Куманово ја сочинуваат Липковска Река и Коњарска Река кои во градот се спојуваат и ја создаваат Кумановска Река.
Kлима
[уреди | уреди извор]Врз климатските одлики, односно различните вредности на метеоролошките елементи во Куманово, влијание имаат неколку фактори. Според географската ширина и близина на поголемите водени површини, се смета дека во Македонија се чувствуваат топли влијанија. Но, Куманово се наоѓа во северниот дел на Македонија, така што тие влијанија помалку се чувствуваат. До израз доаѓа релативната отвореност на релјефот, што овозможува навлегување на различни воздушни влијанија, особено по Моравско-вардарската долина со меридијански правец на протегање.
Според наведените одлики може да се заклучи дека во Куманово се чувствуваат влијанија на топли и студени воздушни маси, кои условуваат во климатски поглед да се издвојат две годишни времиња, и тоа: студена и влажна зима и топло и суво лето. Од преодните годишни времиња поизразена е есента, понекогаш долга и топла што е одлика на умерено-континентална клима. На околните планини повеќе се изразени одликите на континенталната клима.
Температурата на воздухот е важен метеоролошки елемент. Нејзината средна годишна вредност изнесува 11,8оC (за Куманово), а на падините на околните планини е пониска, во зависност од надморската висина.
Просечното годишно количество на врнежи во Куманово изнесува 549,3 mm на квадратен метар, според кое спаѓа во второто подрачје во Македонија по сушност. Сушите, најчесто се карактеристични за летните месеци, а може да продолжат и во есен.
Кумановскиот регион се одликува и со изразита ветровитост, најчесто дува северен и помалку северозападен ветер.
Просечната честота на овој ветер изнесува 331%. Средната месечна брзина е различна, а годишниот просек изнесува 3,2 m во секунда.
Просечната годишна сончевина изнесува околу 2.200 часови, а во околниот планински терен таа е поголема. Годишно во Куманово просечниот број (ведри) денови изнесува 84, додека годишно има просечно 97 облачни денови.
Население
[уреди | уреди извор]Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија. Етнографија и статистика) од 1900 година, во Куманово живееле околу 14,530 жители, од кои 7,700 Македонци, 5,800 Турци, 600 Албанци, 50 Власи, 30 Евреи и 350 Роми.[9]
Во повоениот период, градот забележал постојан раст на населението, посебно во временски период од 1961 до 1981 година кога населението двојно се зголемува.
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во градот Куманово, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, во градот нема целосни податоци.[заб 1]
Според бројот на жители во 2002 година, Куманово претставува трет град по големина во Македонија (зад Скопје и Битола), додека Општина Куманово со 105.484 жители претставува најголема општина во Македонија.
Во поширокиот Кумановски регион, во 2002 година биле запишани 137.382 жители и со тоа претставува по скопската и тетовската, трета најнаселена област во Македонија.
- Етнички групи
Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 70.842 жители и спаѓал во групата на големи градови. Заедно со приградската населба Карпош (5.433 жит.), која се води посебно во официјалните пописи, градот Куманово брои 76.275 жители.[10] Етнички гледано, населението (без Карпош) е составено од:[11]
Народ | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
Македонци | 42.840 | 60,47 |
Албанци | 18.277 | 25,80 |
Турци | 256 | 0,36 |
Роми | 4.042 | 5,71 |
Власи | 108 | 0,15 |
Срби | 4.727 | 6,67 |
Бошњаци | 14 | 0,02 |
други | 578 | 0,82 |
- Јазик
Во градот се зборуваат следниве јазици[11]:
Јазик | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
македонски | 45.306 | 63,95 |
албански | 18.283 | 25,81 |
турски | 215 | 0,30 |
ромски | 4.007 | 5,66 |
влашки | 85 | 0,12 |
српски | 2.399 | 3,39 |
бошњачки | 23 | 0,03 |
други | 524 | 0,74 |
- Вероисповед
Во Куманово се застапени следните религиски групи[11]:
Вероисповед | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
Православни | 46.766 | 66,02 |
Муслимани | 22.483 | 31,74 |
Католици | 98 | 0,14 |
Протестанти | 11 | 0,02 |
други | 1.484 | 2,10 |
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Куманово:
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Години | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948[12] | 12.981 | 2.370 | 1.498 | 1.648 | 25 | 1.222 | — | 498 | — | 20.242 |
1953 | 14.351 | 951 | 3.858 | 1.861 | 12 | 1.790 | — | 516 | — | 23.339 |
1961 | 20.323 | 1.893 | 2.512 | — | — | 2.808 | — | 3.226 | — | 30.762 |
1971 | 28.789 | 7.827 | 1.791 | 3.013 | — | 3.759 | — | 1.184 | — | 46.363 |
1981 | 36.812 | 12.997 | 936 | 4.415 | 44 | 4.252 | — | 1.386 | — | 60.842 |
1991 | 40.205 | 487 | 242 | 4.048 | 76 | 4.966 | — | 2.180 | — | 52.204 |
1994 | 40.634 | 15.612 | 241 | 2.987 | 85 | 5.097 | — | 577 | — | 65.233 |
2002 | 42.840 | 18.277 | 256 | 4.042 | 108 | 4.727 | 14 | 578 | — | 70.842 |
2021 | 43.280 | 17.685 | 125 | 2.768 | 88 | 4.300 | 32 | 645 | 6.128 | 75.051 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од службените пописи во соодветните години
Религија
[уреди | уреди извор]Во градот доминираат православните христијани (66,02 %), а останатите се со исламска (31,74 %) и евангелистичко-методистичка вероисповед.
Христијанство
[уреди | уреди извор]Кумановско-осоговската епархија го зафаќа североисточниот дел од Република Македонија и е дел од Македонската православна црква. Нејзин надлежен епархиски архијереј е митрополитот г. д-р Јосиф и тоа од септември 2013 година, па сè до денес. Архијерејско намесништво Куманово: 60 цркви, 8 манастири, 12 параклиси и 120 крстови.
Цркви и манастири
[уреди | уреди извор]- Црква „Св. Никола“
- Црква „Св. Троица“
- Црква „Воскресение Христово“ — гробјанска црква, осветен камен темелник на 25 април 2014 година;
- Црква „Св. арx. Михаил и Гаврил“ — црква во населбата Карпош;
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — манастирска црква;
- Црква „Св. Благовештение — црква во населбата Банево Трло. Камен темелник удрен на 7 април 2015 година;[13]
- Црква „Св. Петка“
- Црква „Св. Тереза од детето Исус“ — католичка црква;
- Евангелска црква — Куманово
-
Православно светилиште во Бедиње
Стопанство
[уреди | уреди извор]Куманово има развиена индустрија и претставува центар на индустриското производство во североисточна Македонија. Чевларската индустрија во овој град има огромна традиција и опстанува со децении. Денес во градот функционираат повеќе од 60 фирми за производство на чевли, што го прави овој град центар за чевларската индустрија во Македонија и пошироко. Производството е наменето за Македонија, бившите југословенски држави, како и Бугарија, Грција, Албанија и Италија. Помал дел се извезува и во Чешка, Словачка и Германија.
Исто така, во градот работи ФЗЦ 11 Октомври А.Д. Куманово, Фабрика за заварени цевки и профили која вработува повеќе од 250 работници и има големо учество во економијата на градот. Од прехранбената индустрија најмногу се застапени мелничката и пекарската, додека од индустрија за производство на пијалаци функционира „Кватро“.
Образование
[уреди | уреди извор]Факултети
[уреди | уреди извор]- Факултет за бизнис администрација - дисперзиран факултет при Државен универзитет во Тетово со студии од полињата на бизнис администрација, јавна администрација, информатика, англиски јазик и книжевност
- Еуроколеџ (EuroCollege) — American Heritage University — Високообразовна установа со студии по менаџмент, маркетинг, економија и бизнис
Средни училишта
[уреди | уреди извор]Основни училишта
[уреди | уреди извор]- „11 Октомври“
- „Бајрам Шабани“
- „Браќа Миладиновци“
- „Вук Караџиќ“
- „Крсте Петков Мисирков“
- „Кочо Рацин“
- „Магдалена Антова“
- „Наим Фрашери“
- „Христијан Тодоровски Карпош“
- „Толи Зордумис“
- „Панче Пешев“ - музичко училиште
Култура
[уреди | уреди извор]Во Куманово постои голем број професионални културни установо: Библиотеката, Народниот музеј, Театар Куманово и Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, Уметничка галерија Куманово, Галерија на икони. Поистакнати културните манифестации се: Ликовната колонија, Џез-фестивалот „Денови на комедија“.
Архитектура
[уреди | уреди извор]Спорт и рекреација
[уреди | уреди извор]На полето на спортот во Куманово делуваат или делувале многубројни клубови:
- Околу четириесет фудбалски клубови: ГФК Куманово,ФК Башкими (распаднат), ФК Милано, ФК Гоблен (распаднат), ФК Куманово 2012, ФК Башкими 1947, ФК Гоблен Јуниор и др.
- Кошаркарски клубови: КК Куманово, КК Пинк Пантери
- Ракометни клубови: РК Куманово, ЖРК Куманово
- Боксерски клубови: БК Куманово
- Шахот во Куманово датира уште од 1930 (женски и машки)
- Атлетика: АК Скок.
- Велосипедски клубови: Вело М и Кросс Сајклинг Куманово
- Стрелечки клубови: СК Куманово (основан во 1961 година)
- Во градот Куманово постои голема активност во карате клубовите, аеро-клубовите, мал фудбал и други спортски активности каде што спаѓаат пливачките клубови „Аква Куманово“ и „Тумба“, кои се активни во ново отворениот затворен базен.
Куманово е член на Европската асоцијација на градовите на спортот, а во 2019 година го добил признанието „Европски град на спортот“.[14]
Знаменитости
[уреди | уреди извор]Музеј на Христијан Тодоровски-Карпош
[уреди | уреди извор]Спомен куќата на командантот на кумановскиот баталјон „Јордан Николов-Орце“, Христијан Тодоровски-Карпош, убиен од страна на бугарскиот окупатор на 7 февруари 1944 година за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско.
Спомен костурница
[уреди | уреди извор]Спомен костурницата била изградена во 1957 година по повод 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ. Дело е на архитектот Зордумис и вајарот Сретен Стојановиќ. Се состои од обелиск и костурници во кои се сместени посмртните останки на загинатите во Народноослободителната војна од Куманово и Кумановско.
-
Занаетчискиот дом
-
Споменик на Батко Ѓорѓија, претпозналив лик од Куманово
-
Статуата од делото „Македонка, споменик на Револуцијата“
-
Релјеф од делото „Македонка, споменик на Револуцијата“
-
Поранешниот хотел „Куманово“
Личности
[уреди | уреди извор]- Благоја Стевковски - Гојчо (15 август 1915 - Скопје, 3 декември 1965) — македонски комунист, учесник во НОВ и повоен воен раководител
- Борис Чушкаров (28 јануари 1916 - Скопје, 19 септември 1982) - македонски комунист, основач и прв раководител на ОЗНА во СРМ и учесник на Првото заседание на АСНОМ
- Веселинка Малинска (4 јануари 1917 - Скопје, 12 ноември 1987) - македонска комунистка, учесничка во НОВ и вршител на политички функции по ослободувањето
- Боро Менков (6 мај 1919 - кај с. Белановце, Кумановско, 14 октомври 1941) - македонски комунист, учесник во НОВ и народен херој на Југославија
- Боро Петрушевски - Папучар (1920 - 21 април 1943, Горанце, Косово) — македонски комунист, учесник во НОБ и народен херој на Југославија
- Вука Ангеловска-Врвка — учесник во НОВ на Македонија.
- Роза Андонова Кирова — учесник во НОВ на Македонија.
- Кица Андоновска — учесник во НОВ на Македонија.
- Санда Ангеловска Георгиева — учесник во НОВ на Македонија.
- Нада Антеска — учесник во НОВ на Македонија.
- Вера Теодосиева Трајковска - Которка (2 април 1925 - Лопен, Осоговски планини, 1944) - македонска партизанка, учесничка во НОБ
- Добрила Пуцкова (6 јуни 1926 - 23 февруари 2007, Скопје) — македонска театарска, филмска и телевизиска глумица
- Драгутин Аврамовски - Гуте (11 март 1931 - Скопје, 12 септември 1986) - истакнат македонски академски сликар и графичар.
- Александар Митевски (4 март 1934) - македонски поет и преведувач
- Данило Коцевски (1947) - македонски книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург и поет.
- Ангел Миладинов (* 1936), ликовен уметник
- Зоран Јакимовски (* 1953), графичар и сликар
- Столе Златановски (* 1960), познат фудбалер
- Вујадин Станојковиќ (* 1963), репрезентативец на Југославија, Македонија, играч на Куманово Вардар, белградски Партизан, и неколку шведски клубови
- Нино Величковски (* 2 мај 1954), македонски фолк пејач на народна музика
- Венко Андоновски (* 1964), писател
- Илија Струмениковски (* 20 септември 1940), македонски театарски, филмски и телевизиски глумец и сликат
- Горан Илиќ (* 27 јули 1959), македонски театарски, филмски и телевизиски глумец
- Тони Михајловски (* 30 јуни 1967), македонски театарски, филмски и телевизиски глумец
- Сашко Коцев (* 28 ноември 1981), македонски театарски, филмски и телевизиски глумец
- Јонуз Јонузи (* 1965 - † 2010), балкански првак во атлетика
- Југослав Петровски (* 1969), поет и драматург
- Бобан Трајковски (* 1973 – † 2001), македонски бранител, припадник на БСН Волци, еден од загинатите во масакрот кај Вејце во 2001 година
- Дејан Јакимовски (* 1975 – † 2001), македонски бранител, водник во АРМ
- Оливер Петрушевски (* 1978 – † 2001), македонски бранител
- Џељаљ Бајрами (17 ноември 1973) — македонски политичар.
Збратимени градови и меѓународна соработка
[уреди | уреди извор]Градот Куманово (поточно Општина Куманово) е збратимен со градовите:[15]
Исто така, Куманово е член на Европската асоцијација на градови на спортот, Асоцијата на градови носители на пораката за мир и Мрежата на силни градови.[14]
Куманово како мотив во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Кумановскиот превој“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески.[16]
- „Што останува од родниот град?“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[17]
- „Кумановски пуканки“ — краток расказ на Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[18]
- „Кумановци и кумановчани“ — краток расказ на Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[19]
- „Стотици години“ — краток расказ на Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[20]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Улицата „Србо Томовиќ“
-
Улицата „Боро Прцан“
-
Булеварот „Трета македонска ударна бригада“
-
Булеварот „Трета македонска ударна бригада“
-
Улицата „11 Октомври“
-
Улицата „11 Октомври“
-
Улицата „11 Октомври“
-
Улицата „Братство-Единство“
-
Улицата „Доне Божинов“
-
Улицата „Моша Пијаде“
-
Улицата „Моша Пијаде“
-
Улицата „Народна Револуција“
-
Седиштето на Општина Куманово
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Здружение на професори по географија на Македонија „Проф. Д-р Љубе Миленковски“- Скопје, Филип Ѓошевски, Куманичево - едно исчезнато село во Кумановскиот крај.
- ↑ Victor Spinei (2009) The Romanians and the Turkic Nomads North of the Danube Delta from the Tenth to the Mid-Thirteenth Century, Brill, ISBN 9789047428800, p. 317.
- ↑ Mykola Melnyk (2022) Byzantium and the Pechenegs. The Historiography of the Problem. Brill, ISBN 9789004505223, p. 180.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија (PDF). II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. стр. 205. ISBN 9989649286.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија (PDF). II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. стр. 211. ISBN 9989649286.
- ↑ Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр.50
- ↑ Стојмилов, А., (2005), Социоекономска географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје
- ↑ Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр.51
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 215.
- ↑ Стојмилов, Александар; Апостоловска - Тошевска, Билјана (2016). Социоекономска географија на Република Македонија (PDF) (II доп.. изд.). Скопје: Природно-математички факултет. стр. 91. ISBN 9989-668-50-7.
- ↑ 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 11,5 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 мај 2012.
- ↑ http://pop-stat.mashke.org/yugoslavia-ethnic1948.htm
- ↑ Локација за нов православен храм во Куманово
- ↑ 14,0 14,1 Максим Димитриевски, „Децентрализацијата е клучот за развој на државата“, Економија и бизнис, година 22, број 267, ноември 2020, стр. 40.
- ↑ „Список на збратимени градови со Општина Куманово“ (PDF). Општина Куманово.[мртва врска]
- ↑ Блаже Конески, Поезија. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2011, стр. 101.
- ↑ Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 16.
- ↑ Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 17.
- ↑ Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 312-313.
- ↑ Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 542.
- Општи извори
- „Градовите во Република Македонија“. Б. А. Тошевска, Географски лексикон, 2000.
- Белешки
- ↑ Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Куманово“ на Ризницата ? |
- Службено мрежно место на Општина Куманово Архивирано на 31 декември 2007 г.
|
|
|
|