Прејди на содржината

Изомерија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Видови на изомери.

Во органската хемија, изомерија е појавата кога две или повеќе соединенија имаат исти молекулски формули, а различни физички или хемиски својства поради различниот распоред на атомите во нив. Овие соединенија се нарекуваат изомери. Голем број органски соединенија имаат исти молекулски формули, а сепак покажуваат различни физички или хемиски својства. Некои дури имаат и милиони изомери, па дури и повеќе.

Типови на изомерија

[уреди | уреди извор]

Постојат два основни типови на изомерија: структурна изомерија и стереоизомерија. Првиот тип е изомерија која се јавува поради различниот распоред на сврзување на атомите и атомските групи, додека вториот тип е изомерија што се јавува поради различниот просторен распоред на атомите и атомските групи.

Секој од овие два типа се дели на уште неколку поттипови, што може да се види од следната табела:

Структурна изомерија Стереоизомерија
Изомерија на низата (или скелетна изомерија) — различен распоред на јаглеродните атоми во низата.
Геометриска изомерија (или cis-trans) — различен распоред на атомите и атомските групи во просторот поради спречена ротација околу двојната врска или прстенот.
Положбена изомерија — различен распоред на функционалните групи во молекулата.
Оптичка изомерија — различен распоред на атомите и атомските групи околу хиралниот C-атом.
Функционална изомерија — различни функционални групи, а иста молекулска формула.
Конформациона изомерија — различен распоред на атомите и атомските групи во просторот поради слободна ротација околу единечната врска.