Арпа
Арпа[1] или суров ориз – оризовите зрна што се добиваат при жетвата на оризовата култура. Зрното од арпата е обвиткано со плевици, па истото не може да се користи за исхрана на луѓето.
Обработка на арпата
[уреди | уреди извор]По жетвата арпата се обработува при што овој процес на обработка опфаќа чистење, сушење и лупење. За разлика од другите жита каде што зрната се мелат за брашно или сточна храна, оризовите зрна потребно е да останат цели за се добие ориз за консумација. При преработката на арпата се отстрануваат плевиците, обвивката на семето, површинскиот дел на ендоспермот и ембрионот, при што зрното треба да остане цело и неоштетено.
По лупењето следуваат уште неколку фази во обработката: одделување на лупениот од нелупениот ориз, белење, одделување на целите зрна од уфакот (кршените зрна), чистење на белиот ориз од камчиња и сортирање според бојата. Вака добиениот ориз се пакува и складира.
Трговски видови ориз
[уреди | уреди извор]Интегрален ориз
[уреди | уреди извор]Лупен, кафен, карго или интегрален ориз – ориз кај кој од зрната, со посебен технолошки процес се издвоени плевиците. Овој ориз има жолто-кафеава боја.
Бел ориз
[уреди | уреди извор]За добивање бел ориз каргото се изложува на понатамошна обработка во машини за белење. При истото се врши отстранување на обвивката на плодот и семето, алеуронскиот слој и мал дел од ендоспермот. Значи бел ориз е лупено и белено зрно од кое со посебна постапка се издвоени ‘ртулецот и обвивките на зрното.
Витаминизиран ориз
[уреди | уреди извор]Витаминизираниот ориз може да биде лупено или бело зрно добиено со посебна технолошка постапка со пареа и притисок. При оваа технологија арпата пред лупењето се подложува на третман со пареа и притисок при што витамините и минералните материи растворливи во вода со дифузија преминуваат од лушпата во зрното. Преку овој процес се губат мали количества на белковини и скроб, а се зголемува рандманот и содржината на витамините и минералните материи во зрното.
Глутинозен ориз
[уреди | уреди извор]Глутинозниот ориз е зрно од специјален вариетет кое има бел и непроѕирен изглед (ендосперм). Зрната содржат амилопектин и по варењето имаат особина меѓусебно да се слепуваат.