Прејди на содржината

Ајкула

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ајкули
Период: ран девон - денес
Океанска беловрвна ајкула, Carcharhinus longimanus
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Потколено: ‘Рбетници
Класа: ‘Рскавични риби
Поткласа: Плочестожабрени, Elasmobranchii
Надред: Selachimorpha
Редови

Carcharhiniformes
Heterodontiformes
Hexanchiformes
Lamniformes
Orectolobiformes
Pristiophoriformes
Squaliformes
Squatiniformes
Symmoriida (изумрен)

Тигрова ајкула.
Бикова ајкула (Carcharhinus leucas).
Китовска ајкула.
Тигрова ајкула.

Ајкули — брзопливачки и генерално големи ‘рскавични риби познати по нивните остри заби, посебната грбна перка и вештина во лоцирањето на подводниот плен. Како и другите риби, ајкулите се генерално ладнокрвни и дишат со жабри. Но, за разлика од коскените риби, кои имаат скелет составен од коски, ајкулите и нивните роднини раи и химери имаат флексибилни внатрешни скелети изградени од ‘рскавица.

Како најдревни ‘рбетници во морето, предците на сегашните ајкули потекнуваат од пред речиси 400 милиони години. Денес ајкулите живеат на ист начин како што тоа било пред повеќе од 200 милиони години, пред подемот на диносаурусите. Научниците идентификувале речиси 375 видови на денешни ајкули, чии големини се движат од џуџестата кучешка ајкула (помала од 20 cm), па до масивната китовска ајкула, која е долга и повеќе од 15 m. Најголем број од ајкулите населуваат тропски или умерени морски води, но некои видови се најдени и во поларните мориња. Биковата ајкула ги напушта океанските води и навлегува во слатоводните басени (реката Замбези, Мисисипи и езерото Никарагва). Во зависност од видот, ајкулите населуваат плитки крајбрежни води или отворен океан. Некои видови, како шестожабрената ајкула, живеат на длабочини со повеќе од 1,800 m.

Без разлика на тоа каде живеат, ајкулите играат значајна улога во нивните екосистеми. Како високо ефикасни грабливци, ајкулите ги одржуваат екосистемските популации со ловење и убивање на други животни, особено тие кои се слаби или заразени. Биолозите стравуваат дека без ајкулите, популациите на другите животни би биле огромни. Овие животни би ја елиминирале расположливата храна во нивните екосистеми, доведувајќи до масивно изумирање поради глад. Би биле потребни години, или дури декади, за да организмите во екосистемот ја постигнат деликатната рамнотежа за која ајкулите значително придонесуваат.

Физички опис

[уреди | уреди извор]

Ајкулите имаат дизајн на телото кој го редуцира триењето со водата, овозможувајќи и на ајкулата да се "лизга" низ водата, трошејќи минимална енергија додека плива. Генерално, ајкулите пливаат со брзина помала од 5 км/ч, но многу можат да достигнат брзини со повеќе од 20 км/ч. Мако ајкулата, моќна и отвореноокеанска ајкула која достигнува должина од 3,5 m, е способна да развие брзина и до 48 км/ч.

Иако некои ајкули растат и повеќе од 15 m во должина, масивната големина е повеќе исклучок отколку правило. Околу половина од сите познати видови никогаш не растат поголеми од околу 1 m во должина, и повеќе од 20% достигнуваат повеќе од 2 m. Но, некои од најпознатите ајкули се најголемите ајкули. Чеканоглавите ајкули, ајкули од тропските води познати по нивните зарамнети, Т-видни глави, често надминуваат 3,5 m, а големите бели ајкули, можеби најголемите грабливци во морето, често достигнуваат должини преку 6 m.

Цврстите, забовидни крлушки ја покриваат телесната површина на ајкулите, давајќи и на кожата ригидност. Овие крлушки, наречени плакоидни плочки (лушпи) или дермални дентикули, не се зголемуваат како што расте ајкулата. Наместо тоа, се појавуваат нови лушпи на растечката телесна површина. Повеќето ајкули имаат сива, сина или кафеава боја на телата. Стомачната страна на ајкулата е обично посветла отколку грбната. Поради ваквиот начин на обојување, ајкулите се тешки за забележување во водата.

Заби на тигрова ајкула.

Кај повеќето видови, устата и ноздрите се на стомачната страна, но кај други се на врвот на рилката. Ајкулите се можеби најпознати по нивните кратки, моќни и зглобени заби, како и по повеќето редови на остри, триаглести заби, кои ги користат при распарчувањето на месото од пленот. Биолозите веруваат дека страшните заби на ајкулите се всушност зголемени и изменети плакоидни лушпи. Ајкуловите заби се всадени во непцата (т.е. тие не се само едноставно наредени на вилиците) и често ги губат забите додека јадат. Кај повеќето ајкули, само двата први редови на заби се функционални и исправени, но некои видови имаат и осум функционални редови. Неколку редови на заменувачки заби непрестајно се развиваат позади оние кои всушност и ги користи ајкулата. Забите во развој се хоризонтално сместени, веднаш над непцата, и како што се губат забите, новите се движат напред и се исправуваат за да ги заменат. Кога лимон ајкулата губи заб, потребни се само осум дена за новиот целосно да го замени претходниот. Во текот на животот, некои ајкули може да развијат, изгубат и заменат околу 30,000 заби.

Веднаш позади главениот регион се наоѓаат пет до седум жабрени цепнатинки. За разлика од повеќето други риби, ајкулите не поседуваат мускули кои ја движат водата низ жабрите. Иако некои ајкули можат да ја испумпуваат водата низ жабрите со отворање и затворање на нивните усти, дишењето на повеќето ајкули зависи од движењата при пливањето. Некои ајкули имаат спиракули, посебни жабрени цепнатинки веднаш по очите. Спиракулите обезбедуваат кислород додека ајкулата јаде.

Пет различни видови на ригидни перки потпрени на ‘рскавица им помагаат на ајкулите при пливањето. Во зависност од видот, ајкулите можат да имаат една или две грбни перки кои даваат стабилност во водата. Ајкулата исто така поседува два пара на парни перки сместени на нивната стомачна површина. Еден пар (пекторалните перки) е сместен веднаш позади главата. Пекторалните перки даваат потпора како што ајкулата се движи горе и долу во водата и стабилизација кога тие пливаат на константна длабочина. Тие се користат и за превртување во водата.

Вториот пар на парни перки се карличните перки. Сместени кон опашката, овие перки и помагаат на ајкулата да плива на одредено ниво. Кај машките единки, модификациите на внатрешниот раб на секоја карлична перка, наречени класпери, се користат при парењето. Некои ајкули имаат и анална перка, мала стомачна перка позади карличните. Последна е опашната (каудална) перка. Таа е главен извор на пропулзија. Тешките опашни и телесни мускули работат заедно со ајкуловиот флексибилен ‘рскавичен скелет за да овозможат моќен и мазен пливачки удар.

Сите ајкули немаат ваква форма и изглед. Ангеловите ајкули имаат зарамнето тело (како она на раите), а вобегонгот е покриен со месести лушпи од кожа кои го камуфлажираат животното. Исклучок е и чеканоглавата ајкула.

Внатрешни органи

[уреди | уреди извор]

Дигестивниот систем на ајкулите е ефикасен, способен за дигерирање на риби и цицачи, а дури и черупкести мекотели и ракови. За разлика од повеќето животни, кои имаат долги извиткани црева, кај ајкулите тие се кратки и прави. За да се зголеми ресорпционата површина, цревата на ајкулите имаат посебен набор - спирален набор. Тој ја забавува дигестијата. По цревата следи клоаката, во која се отвораат и уринарните канали и јајце-клетките и сперматозоидите од репродуктивниот систем. Екскретите се елиминираат преку анусот. Посебна ректална жлезда помага во елиминирањето на вишокот соли апсорбирани од храната и морската околина.

За разлика од нивните роднини, коскените риби, ајкулите немаат пловен меур кој помага при лебдењето во водата. За таа намена тие го користат големиот црн дроб. Тој се состои од два големи лобуси кои концентрираат и складираат масла и масти, супстанци кои се полесни од водата. Црниот дроб може да сочинува околу 25% од вкупната тежина на ајкулата. Но и покрај помошта од црниот дроб, ајкулата мора да плива константно, инаку ќе потоне на дното.

Ајкулите имаат двокоморно срце кои се релативно мали во споредба со остатокот од нивното тело. Крвта циркулира од срцето до жабрите. Малото срце произведува слаб крвен притисок и многу ајкули мораат да пливаат континуирано за да ги создадат мускулните контракции потребни за циркулација на крвта низ нивните тела.

Повеќето ајкули се ладнокрвни, односно тие не произведуваат топлина со дигерирањето на храната. Нивната телесна температура е споредлива со онаа на водата околу нив. Меѓутоа, постојат забележливи исклучоци. Телесните температури на брзопливачките ајкули, како сините ајкули и макоата, можат да се покачат за речиси 10 °С над Т на околната вода.

Сетилен систем

[уреди | уреди извор]
Електрорецептори (Лоренциеви ампули) и странична линија на главата кај ајкулата.

Добро развиените сетилни системи на ајкулите даваат огромни предности при ловењето или хранењето. Речиси една третина од нивниот мозок е посветен на сетилото за мирис. Сетилото за мирис на ајкулата е толку моќно што може да детектира мириси во водата на илјадници метри од нивниот извор.

Очите на ајкулите детектираат многу мали движења и се способни да гледаат во услови со малку светлина, правејќи ги ефективни ловци во мрачни води. Како и мачките, и ајкулите поседуваат рефлективен слој во позадината на очите наречен tapetum lucidum, кој ги зголемува малите количини на светлина. Во чиста вода, ајкулите можат да го видат својот плен на 20 до 30 m далечина. Очите на ајкулите содржат и клетки кои детектираат боја. Увидено е дека ајкулите разликуваат црна, бела и нијанси на сива боја. Исто така, утврдено е дека светли објекти и бои (жолта и портокалова) ги привлекуваат ајкулите.

Ајкулите користат и додатен сетилен систем наречен странична линија, кој ги детектира вибрациите во водата предизвикани од звуци или животински движења. Страничната линија се состои од тесен појас на сетилни клетки и е сместена на страните од телото, како и на главата. Овој сетилен систем е особено осетлив на звуци со нискофреквентен досег, како што се тие на ранета риба.

Додатно, ајкулите ги осетуваат слабите електрични струи асоцирани со функционирањето на нервите и мускулите во живите животни. Ајкуловите електрорецептори, наречени Лоренциеви ампули, се распространети во гроздови над главата. Овој електрорецепторски систем е делотворен само на растојанија помали од 1 m. Се смета дека овој систем некако им овозможува на ајкулите да ги детектираат слабите електромагнетни полиња на Земјата, помагајќи им притоа во миграциите.

Ајкулата како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]