Теодор Стратилат
Теодор Стратилат | |
---|---|
маченик | |
Роден(а) | ?, непознато |
Починал(а) | 319, Хераклеја Понтика |
Почитуван(а) во | Православие |
Слава | 8 февруари |
Заштитништво | војниците |
Теодор Стратилат (старогрчки: Ἅγιος Θεόδωρος ὁ Στρατηλάτης, коптски: ⲡⲓⲁⲅⲓⲟⲥ Ⲑⲥⲟⲇⲱⲣⲟⲥ), познат и како Теодор од Хераклеја, бил маченик и светец почитуван со титулата Великомаченик во Православната црква, Источнокатоличката црква, Римокатоличката црква и Древноисточните цркви, од 4 век.
Според христијанското верување бил римски војвода, во војската на царoт Ликиниј, и градоначалник на градот Ираклија. Поради прифаќањето на христијанството и голем дел од жителите на градот со кој управувал, бил жестоко мачен и убиен. Тој се смета за заштитник на војниците кои го повикуваат на помoш. Неговите чудотворни мoшти се пренесени од Евхаита во Цариград и погребани во црквата „Влахерна”.[1]
Култот кон Теодор бил распространет во текот на средниот век. При основањето на Венеција, заедно со Апостол Марко станал патрон на градот.
Православната црква неговиот ден го чествува на 8 февруари.
Животопис
[уреди | уреди извор]Теодор потекнува од градот Евхаита во Мала Азија. Убил џиновска змија која живеела во стрмни карпи на периферијата од Евхаита. Змијата го тероризирала крајот, па Теодор се вооружил со меч и ја победил.[3] Според некои легенди за Теодор, поради неговата храброст бил назначен за воен командант (стратилат) во градот Хераклеја Понтика, во времето кога императорот Лициниј (307–324) започнал жесток прогон на христијаните. Теодор го поканил лично Лициниј во Хераклеја, и му ветил жртвување на паганските божества. Тој побарал сите златни и сребрени статуи на божества што ги имало во Хераклеја да се соберат на едно место, во неговата куќа. Теодор ги искршил на парчиња, а парчињата ги поделил на сиромашните.
Теодор бил затворен, мачен и убиен на крст. Неговиот слуга Варос (кој исто така бил прогласен за светец), бил сведок на сите овие настани, и ги запишал.[3] Утрото, царските војници го нашле него жив и неповреден. Теодор сакал да биде маченик, сам се предал на Лициниј, па бил обезглавен со меч. Ова се случило на 8 февруари 319 година, во сабота, во третиот час од денот.[4]
Двајца светители со име Теодор
[уреди | уреди извор]Бројни спротивставени легенди се појавиле за животот и мачеништвото на светите Теодор Тирон и Теодор Стратилат, што се појавила претпоставката дека тоа не се две личности, туку една. Најстарите познати текстови во кои се вели дека се двајца различни светци, се од 9 век.[5] Теодор Тирон, како обичен војник, пешак, бил доживеан од луѓето во Византија како заштитник на обичните војници.[6] Во уметноста, и двајцата свети Теодори се претставени со густа црна коса и истакната брада.[7]
Во западниот свет денес е прифатено мислењето дека постоел само еден свети Теодор,[8] и дека постоењето на вториот Теодор нема историска основа, како што се вели во текст од 1909 година,[9] а во 2003 година, Валтер запишал дека „Стратилат е измислениот“.[5]
Византиско гледиште
[уреди | уреди извор]Григориј Ниски, братот на Свети Василиј Велики, кој бил прогласен за светец во Римокатоличката црква, православието, древноисточните цркви, лутеранството и англиканството, имал поинакво мислење. Иако и двајцата Теодори биле родени на места кои се географски блиску, и двајцата биле мачени на сличен начин, нивните имиња биле причина за конфузија меѓу два града. Светиот Теодор Стратилат бил од Евханеја, а Теодор Тирон бил од Евхаита, територии кои се блиску една до друга.[10] Биографијата на Теодор Стратилат ја запишал неговиот помошник Варос, која се разликува од онаа за Теодор Тирон, што ја напишал Григориј Ниски.
Коптска верзија
[уреди | уреди извор]Светиот теодор во Египет бил познат како Свети Теодор од Шотеп или Принц Теодор, кој е роден во семејство на римски војник. Неговиот татко бил Египќанец од градот Шатеб, Горен Египет, а неговата мајка била ќерка на принц. Мајка му и татко му се венчале кога татко му заминал за Антиохија во борба против Персијците. Кога принцезата дознала дека мажот ѝ е христијанин, таа се обидела да го одврати од неговата вера и да го направи паган. Кога тој одбил, бил избркан. Подоцна му се појавил ангел кој го уверил дека заради син му Теодор многумина ќе поверуваат во Исус Христос. Таткото се израдувал на овие вести и се вратил дома во Горен Египет.
Како минувале деновите и како растел Теодор, кој ја добил титулата принц затоа што дедо му бил принц, мајка му го испратила во војска за да стане војник. Теодор станал познат војник заради храброста и вештините. Дознал преку пријателите дека татко му бил христијанин и дека е жив, па се вратил кај мајка му и ѝ кажал што чул. Бил лут дека таа го лажела дека татко му загинал во војна. Тогаш решил да стане христијанин, и отишол кај некој свештеник да го покрсти. Свештеникот му ги кажал основите на христијанството. Со време, Теодор станал брилијантен воен командант, и за него чул Диоклецијан, кој го назначил за командант на пет илјади витези. Тогаш му го дал името „Принц Теодор Есфехлар“ (храбар командант).
Еден ден, Теодор сакал да го сретне татка си, и се распраѓшувал каде живее. Отпатувал до Александрија, а од таму до Шотеп. Влегол во градската црква и почнал да се моли, а потоа ги прашал луѓето за татко му. Му кажале во која куќа живее и му кажале дека е многу болен. Отишол во куќата, се сретнал со татка си, и долго разговарале. Татко му се заблагодарил на Бога што му ја исполнил желбата. По пет дена татко му умрел, а Теодор заедно со луѓето го закопал, и им рекол дека кога ќе умре, сака да го закопаат овде до гробот на тако му.[11][12] Започнала војна меѓу Персијците и Римјаните, и царот го повикал во Антиохија, каде Теодор се сретнал со Теодор Тирон.[13][14]
Многу цркви биле изградени во негова чест уште од времето на Константин Велики, и денес низ Египет постојат многу цркви кои го носат неговото име, меѓу кои е археолошкиот манастир со негово име во Мона Ел Амир, Гиза.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Теодор Тирон и Теодор Стратилат (десно), средина на 10 век
-
Икона од Св. Теодор, Симон Ушаков, 1676
-
Керамичка икона на Св. Теодор, Преслав, околу 900 г., но не се знае дали се мисли на Стратилат или на Тирон
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Охридски пролог“ стр. 54
- ↑ „St Theodore Stratelates“. The Walters Art Museum.
- ↑ 3,0 3,1 Православна црква во Америка
- ↑ За животот на светецот
- ↑ 5,0 5,1 Walter p.59
- ↑ Grotowski p.119
- ↑ Walter p.60
- ↑ Delaney pp.547-8. Butler (1995). Butler(1926/38)
- ↑ Delehaye p.15
- ↑ Grotowski p. 101
- ↑ Биографија на коптски светци
- ↑ Коптски светци
- ↑ Теодор
- ↑ Coptic.org
|