Прејди на содржината

Такит

Од Википедија — слободната енциклопедија
Публиј Корнелиј Такит
Publius Cornelius Tacitus
Статуа на Такит пред Австрискиот парламент
Роден(а)ок. 56
Починал(а)ок. 120 (на ~64 г.)
Занимањеисторичар, политичар
Активенсребрено доба
Академска заднина
Влијанија
Академска работа
Гранкаисторија
Главни интересиисторија, биографија, говорништво
Значајни делаАгрикола
Анали
Дијалог за говорниците
Германија
Истории
Влијаел врзпрактично сета историска наука во западниот свет

Публиј Корнелиј Такит или Тацит[1] (латински: Publius Cornelius Tacitus; ок. 56ок. 120) — римски историчар и политичар, еден од најистакнатите во римската историографија.[2][3]

Во неговите книги „Анали“ и „Истории“ тој го обработува владеењето на царевите Тибериј, Клавдиј, Нерон и оние од Годината на четирите цареви (69).[4] Овие две дела ја опфаќаат историјата на Римското Царство од смртта на Октавијан Август (14) до смртта на Домицијан (96), иако има значителни лакуни (празнини) во текстовите какви што ги имаме денес.

Во делото „Дијалог за говорниците“ (Dialogus de oratoribus) се занимава со говорништвото. Во делото „Германија“ (De origine et situ Germanorum) ја обработува оваа голема погранична област во Европа и нејзините народи, а во „Агрикола“ (De vita et moribus Iulii Agricolae) ја обработува биографијата на неговиот тест, Гнеј Јулиј Агрикола (војсководецот заслужен за освојувањето на Британија). Аналите интересни како едно од првите сведоштва за прогонувањето на христијаните и Христовото распнување.

Малку се знае за животот на Такит. Она што го знаеме е изведено од неговите дела, писмата од неговиот пријател и почитувач Плиниј Помладиот, како и од натпис во Милас во Карија.[5]

Роден е во 56 или 57 г. во еквитско (витешко) семејство. Не ги знаеме местото, датумот на раѓање, ниту неговото лично име (преномен). Во писмата на Сидониј Аполинариј се води како Гај, но во најважниот негов ракопис кој опстанува денес е наречен Публиј.[6]

Семејство и ран живот

[уреди | уреди извор]

Највеќето постари аристократски семејства не ги преживеале проскрипциите на крајот од републиканскиот период, а Такит нагласува дека неговиот чин им го должи на флавиевските цареви (Ист. 1.1). Твдрењето дека е потомок на ослободеник доаѓа од говор во неговите дела каде се вели дека многу сенатори и витези потекнуваат од ослободеници (Ана. 13.27), но ова е спорно.[7]

Во неговиот напис за Такит во „Паули-Висова“, И. Борсак вели дека тој бил родник на Тразеја Пет и етрурското семејство Кекинии, за кои имал многу високо мислење. Покрај тоа, некои подоцнежни Керкинии го носеле когноменот Такит, што укажува на сродство. Се мисли дека дедо му бил Аул Кекина Пет, продолжителен конзул во 37 г., а тетка му била Арија, сопруга на Тразеја.[8][9]

Можно е татко му да бил Корнелиј Такит кој служел како прокуратор на Белгика и Германија; Плиниј Постариот спомнува дека Корнелиј имал син кој бргу остарел (ПИ 7.76), што би значело дека умрел млад.

Никаде не се спомнува дека Такит имал таква судбина, но можно е да станува збор за брат му (ако навистина бил син на Корнелиј).[10]

Пријателството меѓу Такит и Плиниј Помладиот наведува на заклучок дека обајцата биле од богати провинциски семејства.[11]

Не се знае во која провинција е роден. Претпоставките се Белгиска Галија, Нарбонска Галија или северна Италија.[12] Неговиот брак со ќерка на нарбонскиот сенатор Гнеј Јулиј Агрикола наведува на тоа дека бил од Нарбонска Галија. Дијалогот е посветен на Луциј Фабиј Јуст наведува на Шпанија, а пријателството со Плиниј на северна Италија.[13]

Нема наоди дека пријателите на Плиниј од северна Италија го знаеле Такит, а и самиот Плиниј никаде не спомнува дека имале заедничко потекло.[14] Во Книга 9, Писмо 23, Плиниј вели дека бил запрашан дали е од Италија или од провинциите, и кога не дал јасен одговор, го прашале дали е Такит или Плиниј. Бидејќи Плиниј бил од Италија, ова наведува дека Такит бил од провинциите, веројатно Нарбонска Галија.[15]

Неговото потекло, говорничката вештина и сочувствителноста кон туѓите народи што се противеле на римската власт (на пр. Ана. 2.9) според некои наведуваат на тое дека бил Келт. Келтите што живееле во Галија пред римското освојување биле прочуени по нивното говорништво.[16]

Јавен живот, брак и книжевна кариера

[уреди | уреди извор]

Како млад Такит изучувал реторика во Рим во подготовка за кариера како правник и политичар; како Плиниј, можно е да учел кај Квинтилијан[17] (ок. 35ок. 100). Во 77 или 78 г. се оженил за Јулија Агрикола, ќерка на славниот војсководец Гнеј Јулиј Агрикола.[18]

Не се знае многу за нивниот домашен живот, освен тоа дека Такит обожавал да оди на лов и да шета во природа.[19] Ја започнал кариерата (веројатно латиклав, обележје на сенатор)[20] за време на Веспазијан[21] (r. 69–79), но првата функција му била квестор во 81 или 82 г. за време на Тит.[22]

Постепено напредувал во кариерата (по т.н. cursus honorum), станувајќи претор во 88 г. и квиндецимвир, член на свештеничкиот колегиум задолжен за Сибилските книги и Световните игри.[23] Стекнал висок углед како правник и говорник.

Служел во провинциите (ок. 89 - ок. 93 г.), или како командант на легија или на цивилна служба.[24] Тој и неговиот имот го преживеале Домицијановиот терор (81–96), но ова искуство го истоштило и веројатно се засрамил од неговото соучесништво, поради што му се вродила омраза кон тиранијата, очигледна од неговите дела.[25] Агрикола, гл. 4445 е добар пример:

Агрикола беше поштеден во тој подоцнежен период во кој Домицијан, не оставајќи ни простор ни време да дишеме, туку со една непрекината навала, ја исцеди животната сила на државата... Не пројде многу време кога нашите раце го одвлечкаа Хелвидиј во затвор, кога гледавме како Маврик и Рустик умираат, кога стапнавме во невината крв на Сенецион. Дури и Нерон го сврте погледот, не сакајќи да ги гледа ѕверствата што самиот ги нареди; со Домицијан најголемото страдање беше да гледаме и да бидеме гледани, знаејќи дека се водеше евиденција на нашите воздишки...

Од Сенатот бил назначен за продолжителен конзул во 97 г. за време на царот Нерва — првиот во неговото семејство. Во ова време го достигнал својот врв како говорник со неговата беседа на погребот на славниот ветеран Луциј Вергиниј Руф.[26]

Следната година ги напишал и објавил делата „Агриколоа“ и „Германија“, навестувајќи го своето книжевно творештво со кое се занимавал до крајот на животот.[27]

Потоа се повлекол од јавниот живот, но се вратил за време на Трајан (98–117). во 100 г. заедно со Плиниј повеле судска постапка против Мариј Приск (проконзул на Африка), под обвинение за корупција. Приск бил прогласен за виновен и испратен во прогонство; неколку дена подоцна Плиниј напишал дека Такит зборувал „со сето величество својствено на неговото вообичаено говорништво“.[28]

По ова следел долг период на отсуство од правото и политиката додека ги пишувал делата „Истории“ и „Анали“. Од 112 до 113 г. бил на највисоката цивилно управничка функција — управник на Азија во западна Анадолија,[29] запишан на натписот најден во Миласа. Според пасус на Аналите заклучуваме дека бил жив во 116 г., што значи дека може да починал во 125, па дури и 130 г. ИЗгледа ги надживеал и Плиниј (поч. ок. 113 г.) и Трајан (поч. 117 г.).

Не е познато дека Такит имал деца.

Насловна страница на собраните дела на Такит. Издание на Јуст Липсиј, 1598 г.

Денес ни се познати пет (нецелосно сочувани) дела на такит, од кои најсодржајни се Аналите и Историите:

Историја на Римското Царство од смртта на Октавијан Август

[уреди | уреди извор]

Аналите и Историите се објавени одделно, но биле предвидени како еден зборник од 30 книги.[30] Иако Такит ги напишал Историите пред Аналите, настаните во Аналите им претходат на оние во Историите; заедно образуваат непрекинат наратив од смртта на Октавијан Август (14) во смртта на Домицијан (96). Иако највеќето делови се изгубени, оние кои опстанале ни даваат непроценлива слика за периодот. Првата половина на Аналите опстанала во еден ракопис од кнежевската опатија „Корвеј“ во Германија, а втората во еден ракопис од Монтекасино, Италија. Фактот што тие опстанале е извонреден сам по себе.

Меѓу првите глави на Агрикола, Такит најавува дека сака да расправа за годините на Доминицијан, Нерва и Трајан. Во Историите делокругот е поинаков; Такит вели дека ќе се занимава со времето на Нерва и Трајан подоцна. Наместо тоа, ќе го опфати периодот од граѓанските војни во Годината на четирите цареви и крајот на деспотизмот на Флавиевците. Денес ги имаме само првите четири книги и 26 глави од петтата книга, што ја опфаќаат 69 и првиот дел од 70 г. Се смета дека делото продолжувало сè до смртта на Домицијан на 18 септември 96 г. Пред да ги раскаже постапките на Тит во задушувањето на Првата јудејско-римска војна, Такит дава краток етнографски преглед на древните Евреи, а со тоа и мошне вреден запис за римските ставови кон нив.

Аналите, последното Такитово дело, го опфаќа периодот по смртта на Октавијан Август во 14 г. Напишал барем 16 книги, но книгите 7–10 и делови од книгите 5, 6, 11 и 16 недостасуваат. Книгата 6 завршува со смртта на Тибериј, а книгите 7–12 веројатно ги опфаќале времињата на Калигула и Клавдиј. Останатите книги се занимаваат со времето на Нерон, веројатно сè до неговата смрт во јуни 68 г. или до крајот на таа година за да може да го поврзе со Историите. Втората половина на книга 16 недостасува, завршувајќи со настаните во 66 г. Не е познато дали Такит го завршил ова дело; починал пред да ги заврши планираните истории на Нерва и Трајан. Нема податоци во делото за Октавијан Август и почетокот Римското Царство, со кое тој планирал да го заврши трудот. Аналите е еден од првите световни историски записи во кои се спомнува Исус Христос, кој Такит го обработува заедно со Нероновото прогонување на христијаните.

Анали 15.44. Втор Медичиев ракопис.

Монографии

[уреди | уреди извор]

Такит напишал три дела со поограничен делокруг: Агрикола (биографија на неговиот тест Гнеј Јулиј Агрикола), Германија (монографија за краиштата и племињата во Германија)и Дијалог (дијалог за реторичката вештина).

Германија

[уреди | уреди извор]

Германија (De Origine et situ Germanorum) е етнографско дело посветено на германските племиња вон Римското Царство. Германија се вклопува во класичната етнографска традиција каде спаѓаат автори како Херодот и Јулиј Цезар. Книгат почнува (глав. 1–27) со опис на краиштата, законите и обичаите на разните племиња. Другите глави се задржуваат на опишување на поединечни племиња, почмивајќи од оние што живееле најблиску до римската граница, па è до оние на бреговите на Балтичкото Море како Фените.[31] Tacitus had written a similar, albeit shorter, piece in his Agricola (chapters 10–13).

Агрикола

[уреди | уреди извор]

Агрикола (напишана ок. 98) раскажува за животот на Гнеј Јулиј Агрикола, истакнат римски војсководец и тест на самиот Такит; иако накратко се занимава со географијата и етнографијата на тогашна Британија. Како и во Германија, Такит ја сопоставува слободата на домородните Брити со тиранијата и корупцијата на Царството; во книгата има речита полемика против алчноста на Рим. Еден од овие говори, кој Такит му го припишува на Калгак, заклучува со исказот „Пустошењето, колежот, приграбувањето со лажни титули — тоа го нарекуваат царство; а каде ќе направат пустелија — тоа го нарекуваат мир.“ (Auferre trucidare rapere falsis nominibus imperium, atque ubi solitudinem faciunt, pacem appellant.).

Стилот на Дијалогот го следи Цицероновиот модел на латинската реторика.

Постои неизвесност околу тоа кога Такит го напишал Дијалогот за говорниците (Dialogus de oratoribus). Се одликува со многу особини кои го издвојуваат од другите негови дела. Веројатно се работи за рано дело, под влијание на реторичката обука, бидејќи во стилот авторот го имитира најславниот римски говорник Цицерон. Во ова дело ги нема нескладностите типични за подоцнежните дела. Дијалогот е посветен на Фабиј Јуст, конзул во 102 г.

Книжевен стил

[уреди | уреди извор]

Делата на Такит се познати по густиот стил кој ретко ги разработува фактите, за разлика од некои негови современици како Плутарх. Кога пишува за одвај избегнатиот пораз на римската војска во Аналите I,63, тоа го прави со краткост на описот и без збогатувања.

Во највеќето дела раскажувањето има времеследен редослед, и ретко се префрла на поголемата слика, која му ја остава на читателот. Дури и кога пишува на крупен план, Такит сепак го прави тоа кратко и јасно.

Приод кон историјата

[уреди | уреди извор]

Историскиот стил на Такит донекаде се должи на Салустиј. Неговата историографија дава проноклив и често песимистички увид во психологијата на политиката на моќ, вплетувајќи чист опис на настаните со морални поуки и сосредоточено драматично раскажување. Добро позната е неговата изјава за сопствениот приод кон историјата (Анали I,1):

inde consilium mihi ... tradere ... sine ira et studio, quorum causas procul habeo.

мојата цел е ... да ги пренесам ... без лутина или жар, побудите кои мене ми се далечни.

Во делата Такит е преокупиран со рамнотежата на моќ помеѓу сенатот и царевите, како и на сè поголемата корупција во владејачките класи додека се прилагодувале растечкото богатство и моќ на царството. Според Такит, сенаторите го спискувале своето културно наследство (слободата на говор) за да ги умират царевите.

Такит ја забележува сè поголемата зависност на царот од добрата волја на војската. Династијата Јулиевци-Клавдиевци со време била заменета со војсководци, кои се воделе по примерот на Јулиј Цезар (како и Сула и Помпеј) во стекнувањето на политичка моќ преку војската. (Ист. 1.4)

Политичката кариера Такит ја провел претежно за време на царот Домицијан. Тиранијата, корупцијата и декаденцијата кои ги посведочил во тоа време (81–96) се гледа од огорченоста и иронијата на неговата политичка анализа. Тој ја подвлекува опасноста од неотчетна власт, љубов кон моќта нескротена од морални принципи, како и безволноста и корупцијата кои се јавуваат заедно со концентрацијата на богатство од трговијата и проширувањето на царството.

Но сепак, во првите шест книги на Аналите Тибериј не е претставен ни многу лошо, ни многу одобрително: во првите книги тој е претежно позитивна личност, која станува претежно негативна по сплетките на Сејан. Првите глави на првата книга го опишуваат лицемерието на новиот цар и неговите дворјани. Во подоцнежните книги авторот му оддава признание на стариот цар за бистроумноста со која успеал да се задржи на власт.

Такит не се плаши да фали и критикува истата личност, и ги образложува неговите предности и недостатоци. Забележително е тоа што Такит никогаш одлучно не се изјаснува за или против личноста што ја опишува, и според некои, ова значи дека го поддржувал царскиот систем, но имал свои критики кон него.

Изразување

[уреди | уреди извор]

Стилот на изразување на Такит е мошне ценет.[32] Иако е величествен и речит (поради реторичкото образование на авторот), стилот е крајно концизен, дури и епиграмски — речениците ретко се убави, но суштината секогаш им е јасна. Поради ова мислењето за неговиот стил е всушност поделено.

Еден пасус од Анали 1.1, каде Такит се жали за состојбата на историографијата на последните четири цареви од династијата Јулиевци-Клавдиевци го илустрира неговиот стил: „Историите на Тибериј, Тај, Клавдиј и Нерон, додека беа на власт, беа лажно напишани заради терор, а по нивната смрт беа напишани со лутина поради сè уште свежата омраза“,[33] или во дословен превод:

Латински Превод

Tiberiī Gāīque et Claudiī ac Nerōnis rēs
flōrentibus ipsīs—ob metum—falsae,
postquam occiderant—recentibus ōdiīs—compositae
sunt.

Тибериевите, Гаевите и Клавдиевите како и Нероновите дела
додека во нивниот расцут—од страв—излажирани,
откако паднаа—поради новонастанатата омраза—се
составени.

Интерпункциските знаци и празните места се додадени за читливост.

Во споредба со Цицероновиот период, каде една реченица зазема цел пасус, вешто составена во вгнездени парови на внимателно вклопени звучни фрази, овој стил е мошне краток и концизен. Но сепак тој се одликува со свои особености. Се забележуваат трите разни варијанти на сврзникот и во првиот ред (-que, et, ac), а особено совпаднароста на вториот и третиот ред. Тие се напоредни по смисла, но не по звук; параовите на зборови со завршеток „-entibus-is“ се вркстени на начин што намерно раскрстува со Цицероновите конвенции — со кои сепак треба да сме запознаени за да ја увидиме новината на Такитовиот стил. Некои читатели (тогашни и денешни) го доживуваат овој стил како непријатен, а некои го сметаат за интересен.[34]

Неговите историски дела се задржуваат на побудите на личностите, често продирајќи во нивниот ум (макар што толкувањето често е погрешно) на начин кој е убедлив просто заради неговиот реторички стил.[35] Исклучително добро ја опишува лицемерноста на личностите и нивните прикриени намери; на пример, спомнува дека Тибериј ја одбил титулата „татко на татковината“ (pater patriae), но истовремено ни кажува за новодонесениот закон против „државоподривачки“ говор (устем и писмен) и неоснованите прогони кои произлегле од тоа (Анали, 1.72). На други места (Анали 4.64–66) го споредува јавното раздавање на пожарни оштети од Тибериј со неуспехот да ги сопре изопачувањето и злоупотребите на правдата која самиот ја вовел. За овој приод добил пофалби, но и критики дека го занемерува поширокиот контекст.

Јазикот на изразување и историскиот метод на Такит се должи на Салустиј. Подоцна историчарот Амијан Марцелин пишувал на стил најблизок на овој.

Такит се служи со службени извори од римската држава: Acta Senatus (записник на седниците во Сенатот) и Acta Diurna (зборник на одлуки на управата и новости од дворот и престолнината). Прочитал и зборници на говори на царевите, како оние на Тибериј и Кладвиј. Се смета за темелен историчар кој обраќа големо внимание на изворите.

Некои од изворите ги наведува непосредно, меѓу кои се Клувиј Руф, Фабиј Рустик и Плиниј Постариот, автор на „Војните во Германија“ (Bella Germaniae) и историско дело кое е продолжение на трудот на Ауфидиј Бас. Такит користи и зборници од писма (epistolarium). Земал информации и од дела на автори кои биле противници на царевите. Таму се раскажува за оние кои се жртвувале за слобода, особено со самоубиство. Иако не ја ценел стоичката теорија за самоубиството и гледа на овој чин како наметлив и политички нескорисен, Такит сепак ги истакнува говорите кои овие дејци ги одржале пред да се самоубијат; таков пример е говорот на Кремуциј Корд во Ана. IV, 34–35.

Македонски изданија на делата

[уреди | уреди извор]
  • Корнелиј, Такит (2013). Истории. Преведено од Басотова, Љубинка; Саракински, Војислав. Скопје: Панили. ISBN 978-608-4633-52-5.  во библиотеките
  • Корнелиј, Такит (б.д.). Анали. Преведено од Басотова, Љубинка. Скопје: Панили. ISBN 9989-153-44-2. Проверете ги датумските вредности во: |year= (help)  во библиотеките
  • Публиј Корнелиј, Такит (1999). Германија ; Агрикола. Преведено од Димовска-Јањатова, Весна; Чанчаревиќ, Војислав. Скопје: Култура. ISBN 9989-32-135-3.  во библиотеките

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Транскрипција и транслитерација на туѓите имиња: Латински јазик“. Правопис на македонскиот јазик (II. изд.). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. 2017. стр. 221. ISBN 978-608-220-042-2.
  2. Van Voorst, Robert; Evans, Craig A.; Chilton, Bruce (2000). „Tacitus: The Executed Christ“. Во Evans, Craig A.; Chilton, Bruce (уред.). Jesus Outside the New Testament: An Introduction to the Ancient Evidence Studying the Historical Jesus. Grand Rapids, Michigan: Wm. B. Eerdmans Publishing. стр. 39. ISBN 9780802843685. Посетено на 7 јуни 2020. Корнелиј Такит начелно се смета за најголемиот римски историчар [...].
  3. Compare: Ferguson, Everett (1987). „Literature and language“. Backgrounds of Early Christianity (3. изд.). Grand Rapids, Michigan: William B. Eerdmans Publishing (објав. 2003). стр. 116. ISBN 9780802822215. Посетено на 7 јуни 2020.
  4.  Brodribb, William Jackson; Godley, Alfred Denis (1911). „Tacitus, Cornelius“ . Во Chisholm, Hugh (уред.). Encyclopædia Britannica. 26 (11. изд.). Cambridge University Press. стр. 345–46.
  5. OGIS 487, first brought to light in Bulletin de correspondance hellénique, 1890, pp. 621–623
  6. Oliver, 1951
  7. Syme, 1958, pp. 612–13; Gordon, 1936, pp. 145–46
  8. Birley 2000, стр. 231–232.
  9. Caecina. Strachan stemma.
  10. Syme, 1958, pp. 60, 613; Gordon, 1936, pg. 149; Martin, 1981, pg. 26
  11. Syme, 1958, pg. 63
  12. Michael Grant in Introduction to Tacitus, The Annals of Imperial Rome, p. xvii; Herbert W. Benario in Introduction to Tacitus, Germany, pg. 1.
  13. Syme, 1958, pp. 614–16
  14. Syme, 1958, pp. 616–19
  15. Syme, 1958, pg. 619; Gordon, 1936, pg. 145
  16. Gordon, 1936, pp. 150–51; Syme, 1958, pp. 621–24
  17. Дијалог, гл. 2; пог.. Martin, 1981, p. 26; Syme, 1958, pp. 114–115
  18. Агрикола, 9
  19. Плиниј, Писма 1.6, 9.10; Benario, 1975, pp. 15, 17; Syme, 1958, pp. 541–42
  20. Syme, 1958, pg. 63; Martin, 1981, pp. 26–27
  21. (1.1)
  22. Во Истории вели дека за неговата кариера му благодари на Тит (1.1); бидејќи Тит владеел кратко, ова се единствените можни години.
  23. Во Аналите (11.11) спомнува дека како претор помагал во Световните игри приредени од Домицијан, кои се случиле точно во 88 г. Погл. Syme, 1958, pg. 65; Martin, 1981, pg. 27; Benario in his Introduction to Tacitus, Germany, p. 1.
  24. Од Агрикола (45.5) може да се протолкува дека Такит и сопругата биле отсутни кога Јулиј Агрикола починал во 93 г. За неговото занимање во овој период, погл. Syme, 1958, p. 68; Benario, 1975, p. 13; Dudley, 1968, pp. 15–16; Martin, 1981, p. 28; Mellor, 1993, p. 8
  25. Dudley, 1968, pg. 14; Mellor, 1993, pp. 8–9
  26. Плиниј, Писма 2.1 (English); Бенарио во неговиот предговор на Такитовата Германија, стр. 1–2.
  27. Во Агрикола (3) го најавува својот голем проект — Историите. Погл. Dudley, 1968, pg. 16
  28. Pliny, Letters 2.11
  29. Hazel, J. (2002). Who's who in the Roman World. Routledge who's who series. Routledge. стр. 297. ISBN 978-0-415-29162-0. Посетено на 28 август 2018.
  30. Јеронимовата егзегеза на библиската Книга на пророкот Захарија (14,1, 2; цитирано во Mendell, 1957, p. 228) вели дека историјата на Такит постоела во 30 томови (triginta voluminibus).
  31. Thunberg, Carl L. (2012). Att tolka Svitjod. Гетеборшки универзитет. p. 44. ISBN 978-91-981859-4-2.
  32. Donald R. Dudley. Introduction to: The Annals of Tacitus. NY: Mentor Book, 1966. p. xiv
  33. The Annals (Tacitus)/Book 1#1
  34. Ostler 2007, pp. 98–99
  35. John Taylor. Tacitus and the Boudican Revolt. Dublin: Camvlos, 1998. p. 1 ff

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]