Римска уметност
Римската уметност се однесува на визуелните уметности во Рим и на териториите на Римското Царство. Римската уметност ја вклучува архитектурата, сликарството, скулптурата и изработката на мозаици. Луксузните предмети изработени од метал, гравирањето скапоцени камења, резбите од слонова коска и обработката на стакло биле сметани за помали форми на римска уметност[1]. Скулптурата се сметала за највисока форма на уметничко дело од страна на Римјаните, но ценето било и фигуративното сликарство.
Римската керамика во terra sigillata била украсена со релјефи кои биле одраз на вкусот на Римјаните. Римските монети биле нашироко распространети и истите во голем број преживеале до денес.
Контекст
[уреди | уреди извор]Римското Царство на врвот на својата моќ (за време на царот Адријан од 117-138. године), се протегало од Северна Англија и Рајна до работ на Африканската пустина, односно од западниот брег на Пиринејскиот Полуостров до Црвеното Море и Месопотамија. Тоа било космополитско општество со шаренолик етнички состав, каде националните и регионалните црти биле апсорбирани во еден генерален римски модел диктиран од престолнината - Рим. Римската цивилизација наметнувала почитување на нејзините закони, поредок и симболи на власта но за возврат го асимилирала во себе културното наследство на Стара Грција и на други стари цивилизации (Египет и Месопотамија) создавајќи свој сопствен уметнички израз. Рим како држава бил преокупиран со своите практични потреби (политички, воени, економски, административни), па оттука и неговата уметност го носи тој практичен белег. Една од главните одлики на оваа уметност е величењето на моќта и глорификацијата на власта па затоа римските градби и архитектонските дела со нивната оригиналност и монументалност фрлаат сенка на вајарството и на сликарството.
Стар век |
---|
↑ Праисторија |
|
↓Среден век |
Хронологија
[уреди | уреди извор]- Римско Кралство (9 век п.н.е. – 509. година п.н.е)
- Римска Република (509. г.п.н.е. – 27. година п.н.е, и почеток на владеењето на првиот цар Октавијан Август)
- Римско Царство (27. п.н.е. – 476. година, до последниот западно-римски цар)
Римската уметност опфаќа две фази кои се проучуваат:
- Класична римска уметност или Царски период (1 век п.н.е - 2 век) - се заснова врз старогрчките канони прилагодени на римските потреби
- Доцна античка уметност (3 - 5 век) - поделба на царството на провинции и појава на ранохристијанска уметност
Вовед
[уреди | уреди извор]Традиционалниот поглед на римските уметници е дека тие често позајмувале и ги копирале грчките претходници (голем дел од грчките скулптури познати денес се во форма на римски мермерни копии). Римската уметност во голема мера се потпирала на грчки модели, но таа истовремено ја опфаќа и етрурската па дури и египетска визуелна култура. Стилистичкиот еклектицизам и практичната примена се белегот на римската уметност.
Плиниј, најважниот римски историчар, во врска со уметностите запишал дека речиси сите форми на уметност – скулптурата, пејзажното сликарство и портретното сликарство – биле развиени во грчко време, а во некои случаи, и понапредни отколку во Рим. Иако многу малку останало од грчката ѕидна уметност и портретите, показател на тоа е грчката скулптура и вазното сликарство. Овие форми не биле надминати од римските уметници во финоста на дизајнот или изработката. Како друг пример на изгубеното "златно доба", тој го издвојува Пејраикос, "чие мајсторство само малкумина го достигнале“... Пејраикос сликал берберници и чевларски тезги, магариња, зеленчук и поради тоа бил наречен "сликар на вулгарни тематики“[2] Придавката "вулгарен" тука се користи во оригиналната смисла и значи "вообичаен". Грчките претходници на римската уметност биле легендарни. Во средината на 5 век п.н.е, најпознати грчки уметници биле Полигнот, истакнат по неговите ѕидни мурали и Аполодор, основоположник на техниката кјароскуро. За развојот на реалистичната техника заслужни биле Зеуксис и Пархасиј, кои според старогрчката легенда, еднаш се натпреварувале во кој има поголем талент во trompe l'oeil сликарството.[3] Во скулптурата најпознати вајари биле Скопас, Праксителес, Фидија и Лисип. Римските уметници имале многумина од кого да ја копираат уметноста, бидејќи трговијата со уметност брзо се ширела низ царството и многу од грчкото уметничко наследство нашло свој пат во римската уметност преку книгите и образованието. Старогрчките трактати за уметностите постоеле и во римско време макар што сега се изгубени.[4] Многу римски уметници потекнувале од грчките колонии и провинции.
Големиот број римски копии на грчката уметност воедно зборува за почитта што римските уметници ја имале кон грчката уметност.[5] Многу од уметничките форми и методи користени од страна на Римјаните – како што се високиот и нискиот релјеф, скулптурата, изработките од бронза, вазното сликарство, мозаикот, камео, монетите, накитот и изработките од метал, погребната скулптура, цртањето перспектива, карикатурата, жанровото и портретното сликарство, пејзажното сликарство, архитектонската скулптура и trompe l'oeil сликарство – биле развиени или рафинирани од страна на старогрчките уметници.[6] Исклучок е римската биста, која не вклучува рамења. Традиционалните бисти со глава и рамења можеби биле етрусканска или раноримска форма.[7] Речиси секоја уметничка техника и метод користена од страна ренесансните уметници, 1,900 години подоцна, била прикажана од страна на старогрчките уметници, со исклучок на маслените бои и математички точната перспектива.[8] Додека грчките уметници биле високо почитувани во нивното општество, повеќето римски уметници биле анонимни и попрво се сметале за трговци. Нема записи, како во Стара Грција, за големите мајстори на римската уметност и делата практично не се потпишани. Додека Грците ги обожувале естетските квалитети на уметноста и опширно пишувале за уметничката теорија, римската уметност била попрво декоративна, го покажувала статусот и богатството и не била тематика со која се занимавале научниците или мислителите.[9]
Римската култура асимилирала многу култури и во најголем дел била толерантна околу начините на освоените народи. Таа била повластена, се прикажувала, и тоа во многу поголеми количини, приспособена да се користи повеќе отколку во грчко време. Богатите Римјани биле материјалисти. Тие ги украсувале нивните ѕидови со уметност, домот со декоративни предмети а себеси се украсувале со накит.
Во христијанската ера, на крајот на империјата, од 350 до 500 година, просперирале ѕидното сликарство, таванскиот и поден мозаик и погребната скулптура додека вајарството и сликарството изумирале.[10] Кога Константин го преселил главниот град на империјата Византија (преименуван во Цариград), римската уметност во себе прифатила источни влијанија за на крајот да се произведе византискиот стил. Кога Рим пропаднал во 5 век, занаетчиите се преселиле во источната престолнина за да најдат работа. Црквата Света Софија во Цариград вработила речиси 10,000 работници и занаетчии, за време на Царот Јустинијан (527-565 година) под чиј налог биле создадени и познатите мозаици на базиликата Сан Витале во градот Равена.[11]
Сликарство
[уреди | уреди извор]Од огромниот корпус римско сликарство останал многу мал дел. Најпознати и најзначајни слики се ѕидните од Помпеја, Херкуланеум и други наоѓалишта во близина, кои покажуваат како жителите на богатите крајбрежја ги украсувале нивните ѕидови во векот пред фаталната ерупција на Планината Везув во 79 година. Низа од стилови се дефинирани и анализирани од страна на модерните историчари на уметност.
Од 3 век до околу 400 година постои голем корпус на слики од Римските катакомби, од кои не се сите христијански. Тие прикажуваат продолжување на домашната декоративна традиција во прилично поскромно социјално милје од големите куќи во Помпеја. Останало доста и од палатата на Нерон во Рим, Домус Ауреа, како пример за веројатно најквалитетното ѕидно сликарство во тоа време. Од Египет кој станал римска провинција постојат голем број портрети познати како Фајумски мумиски портрети. Тие се портрети изработени на дрво и ставани врз мумиите од страна на романизираната средна класа. Иако нивниот карактер е премногу локален, тие сведочат за римскиот стил во сликањето портрети.
Ништо не останало од грчките слики донесени во Рим во 4 и 5 век или од сликите изработени на дрво во Италија во текот на римскиот период. Опсегот на примероци се ограничува на само 200 години од деветстогодишната римска историја[12] и главно, на провинциското и на декоративно сликарство. Поголемиот дел од ѕидното сликарство е изработено со користење на секо ("сув") метод, но во римско време постоело и фреско сликарството. Некои мозаици и натписи биле адаптации или копии на претходни грчки дела. Додаток на конфузијата е фактот дека натписите можеби се имиња на имигрирани грчки уметници од римско време, а не на старогрчки оригинали кои биле копирани. На Римјаните во споредба со Грците им недостигала традицијата на фигуративното вазно сликарството.
Теми во сликарството
[уреди | уреди извор]Римското сликарство прикажува широк спектар на теми: животни, мртва природа, сцени од секојдневниот живот, портрети и некои митолошки теми. Во текот на хеленистичкиот период, тоа евоцирало селски идили и претставувало сцени со овчари, стада, селски храмови, планински пејзажи и куќи. Еротските сцени исто така се релативно чести. Во доцната империја, по 200 година, на ѕидовите на катакомбите преживеале ранохристијанските теми помешани со паганските слики.[13]
Пејзажи
[уреди | уреди извор]Главната иновација на римското сликарство во споредба со грчката уметност била во развојот на пејзажите, конкретно инкорпорирање на техники на перспективата, иако вистинската математичка перспектива била развиена 1500 години подоцна. Површинските текстури, засенчувањето и колоритот се добри но недостасува прецизна просторна длабочина. Некои пејзажи биле чисто сцени на природата, особено градини со цвеќе и садници, додека други биле архитектонски видици кои прикажувале урбани градби. Други пејзажи покажувале епизоди од митологијата. Најпознати митолошки сцени се оние од Одисеја.[14]
Мртва природа
[уреди | уреди извор]Темите на римската мртва природа често се ниши или полици со различни секојдневни предмети, вклучувајќи овошје, живи и мртви животни, морски плодови и школки. Примерите на стаклени тегла полни со вода вешто биле сликани и подоцна служеле како модели за истата тема честопати сликана во периодот на ренесансата и барокот.[15]
Портрети
[уреди | уреди извор]Плиниј се жалел дека уметноста на римскиот портрет назадува, "Сликањето портрети кое се користи за да се пренесат низ вековите точните сличности на луѓе, целосно исчезна ... Мрзата ги уништи уметностите."[16][17]
Во Грција и во Рим, ѕидното сликарство не се сметало за висока уметност. Најпрестижните форма на уметност покрај скулптурата било таблосликарството, односно темпера или сликање на дрвени табли. Дрвото е лесно расиплив материјал и многу малку примероци на таквите слики преживеале. Една од тие што останале е Северан Тондо која датира од околу 200 година и претставува многу рутински официјален портрет на некоја провинциска власт. Други останати претставници се добро познатите Фајумски мумиски портрети, од римската провинција Египет, и кои речиси сигурно не го претставувале најквалитетното сликарство на тоа време. Портретите биле прикачувани при погребувањето мумии. Тие обично отсликуваат еден човек, ја покажуваат главата, или главата и горниот дел на градите, гледано фронтално. Позадината е секогаш еднобојна и само понекогаш има декоративни елементи.[18] Во смисла на уметничката традиција, јасно е дека овие слики повеќе потекнуваат од грчко-римската традиција отколку од онаа на Египет. Тие се исклучително реалистични. Портрети насликани на стакло и медали од доцната империја преживеале, како и портретите на монетите, од кои некои се сметаат за многу реалистични.[19]
Златно стакло
[уреди | уреди извор]Златното стакло или златно сендвич стакло, била техника за фиксирање слој од лист злато со дизајн помеѓу два споени слоја на стакло. Техниката била развиена во хеленистичко време и оживеана во 3 век. Римското златно стакло претежно датира од 4 и 5 век. Повеќето изработки се христијански, иако постојат многу пагански и неколку еврејски примероци. Ваквите стаклени медаљони веројатно првично биле давани како свадбени подароци или за празнични пригоди. Нивната иконографија е многу проучувана, иако уметнички истите се релативно несофистицирани.[21] Нивните теми се налик на сликите во катакомбите, но со поголема вклученост на портретите. Со текот на времето наместо портрети истите почнале да бидат прикази на светци.[22] Техниката се користела за изработка на мозаици во средината на 1 век во Рим а до 5 век, станала стандардна позадина за верските мозаици.
Медаљонот Генадиос во музејот Митрополитен во Њујорк е убав пример на александрински портрет на сино стакло, со користење доста посложена техника и натуралистички стил од повеќето примери во Доцниот Рим. Тој можеби бил даден за да се прослави победа во музички натпревар.[23] Еден од најпознатите александриски портретни медалјони, со египетско-грчки натпис е оној во Бреша, за кој погрешно се верувало дека ја прикажува побожната готска кралица Гала Плацида и нејзините деца[24] а впрочем јазолот на фустанот на централната фигура веројатно прикажува дека станува збор за некоја приврзаничка на Изида.[25] Тој припаѓа на групата од 14 парчиња која датира од 3 век, каде сите индивидуализирана портрети се секуларни и со висок квалитет.[26] Натписот на медаљонот е напишан на александриски грчки дијалект па оттука, најверојатно, отсликува семејство од Римскиот Египет.[27]
Жанрови сцени
[уреди | уреди извор]Римските жанрови сцени генерално отсликуваат Римјани додека се одмораат и вклучуваат игри, музика и еротски средби. Некои сцени опишуваат богови и божици во слободни активности.
Триумфални слики
[уреди | уреди извор]Од 3 век п.н.е, како што е наведено од страна на Плиниј (XXXV, 22) се појавил специфичен жанр познат како Триумфални слики .[28] Овие слики биле триумфални записи по воени победи, претставувале епизоди од војната, и од освојувањата на региони и градови. Резиме мапи биле изработувани да ги истакнат клучните точки на походот. Овие слики се исчезнати, но тие веројатно ги инспирирале историските релјефи врежани врз воените саркофази, Сводот на Тит и Трајановиот столб.
Скулптура
[уреди | уреди извор]Традиционалните Римски скулптури се поделени во пет категории: портрети, историски релјефи, погребни релјефи, саркофази и копии на античките грчки дела.[29] .
Почетокот на римската уметност бил под силно влијание на уметноста на Стара Грција и од онаа на соседните Етрурци, кои и самите во голема мера зависеле од нивните грчки трговски партнери. Етрурската специјалност биле гробниците од теракота, каде на врвот се поставувал саркофагот. Кога Римската Република почнала да ги освојува грчките територии, прво во Јужна Италија и потоа целиот хеленскиот свет освен Партското Царство во подалечниот исток, патрицијанските скулптури станале во голема мера продолжување на хеленистичкиот стил, од кој посебно римски елементи е тешко да се издвојат, особено затоа што многу грчки скулптури преживеале само како копии од римскиот период.[30] Од 2 век п.н.е, "повеќето вајари кои работеле во Рим" биле Грци,[31] честопати поробени во освојувањата како што е она на Коринт (146 п.н.е). Тие често биле робови, чии имиња се многу ретко евидентирани. Голем број на грчки статуи биле донесени во Рим, без разлика дали како плен или како резултат на изнудување и трговија.[32]
Изворен италијански стил може да се види во гробните споменици на просперитетната средна класа Римјани, кои многу често вклучувале портрет бисти, и портретирањето е веројатно главната сила на римските скулптури. Нема остатоци од традицијата на погребните маски на предците кои биле носени во погребните поворки на големите семејства и кои инаку се чувале во домот на починатите, но многу од бистите кои останале, ги претставуваат предците на некои од големите семејства надгробни споменици како што е Гробницата на Скипионите или подоцнежниот мавзолеј надвор од градот. Познатата бронзена биста која наводно е на Луциј Јуниј Брут многу различно се датира, но се смета за една од ретките изработена во италски стил, во бронза.[33] Слични такви моќна бисти се гледаат на монетите на конзулите. Лондиниум имал колосална статуата на Нерон, иако далеку помала од 30 метри високиот Колос на Нерон во Рим, но истата денес е исчезната.[34] Империјалниот портрет првенствено бил хеленизиран и високо идеализиран, како во Блакас Камео и други портрети на Август.
Римјаните генерално не се обидувале да се натпреваруваат со грчката стоечка скулптура на херојските подвизи од историјата или митологија, но сепак изработувале историски релјефи, како римски триумфални столбови чиј релјеф е континуирана приказна за освојувањата, како оние подигнати во чест на Трајан (113) и на Марко Аврелиј (193) кои преживеале во Рим, каде се наоѓа "Олтарот на Мирот" (Ara Pacis, 13 година п.н.е) претставува официјален грчко-римски стил. Меѓу другите големи примери се релјефите на Константиновата Триумфална порта и основата на столбот на Антонин Пиј (161)[35]
Кон крајот на 2 век и "барокната" фаза,[36] во 3 век, римската уметност во голема мера е напуштена, или, едноставно, не можела да произведува скулптури во класичната традиција, што пак е промена за чиишто причини останува многу да се дискутира. Дури и најважните империјални споменици сега се изработувале во поаголни и погруби форми, во едноставни композиции нагласувајќи ја моќта за сметка на благодатта. Контрастот може да се види на Константиновата порта од 315 година во Рим, која комбинира делови во нов стил и делови во претходниот грчко-римски стил. Белегот на стилот што ќе се појави се состои од решителна цврстина, тежина и агли– накратко, речиси целосно отфрлање на класичната традиција".[37]
Оваа револуција во стилот се појавила непосредно пред периодот во кој Римската држава го прифатила христијанството, што пак довело до крај на големите религиозни скулптури. Огромните статуи сега се користеле само за цареви, како познатиот фрагмент на колосална статуа на Константин и Колосот од Барлета од 4 или 5 век. Сепак богатите христијани продолжиле со релјефите за саркофази, како оној на Саркофагот на Јуниј Бас.[38]
Наративни релјефи
[уреди | уреди извор]Додека грчките вајари традиционално воените подвизи ги прикажувале преку употреба на митолошки алегории, Римјаните користеле повеќе документарен стил. Римските релјефи на борбени сцени, како и оние на Трајановиот столб, биле создадени за глорификација на римската моќ, но тие, исто така, даваат детален приказ на воените костими и воената опрема. Столбот на Трајан е доказ за различните Дакиски војни кои ги водел Трајан онаму каде што е денешна Романија. Тој е најсилниот пример на римски историски релјеф и едно од големите уметнички богатства на античкиот свет и може да се смета за предвесник на документарниот филм. Тоа го преживеал уништувањето, кога бил адаптиран како основа за христијанска скулптура.[39] Во текот на христијанската ера по 300 година, декорацијата на панели и саркофази продолжила но статуата во полна големина исчезнала и понатаму нема да биде важен елемент во скулптурата на римската култура.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Етрурски ковчег, 3 век п.н.е.
-
"Главата на Брут", датира од 4 до 3 век п.н.е.
-
Римската морнарица прикажана во Храмот на Фортуна Примигенија во Пренесте (Паластрина), релјеф кој бил изработен о. 120; изложен во Музејот Пиј-Клементино (Museo Pio-Clementino) во Ватиканските музеи.
-
Оратор, о. 100, Етрурско-римска бронзена статуа на Етрурец облечен во римска тога ангажиран во реторика
-
Гробница на Публиј Аиедиј и Аиедија, 30 п.н.е., Пергамски музеј (Берлин)
-
Август на Прима Порта, статуа на царот Август, 1 век, Ватикански Музеи
-
Гробница на Дециите, 98-117 година
-
Биста на царот Клаудиј, о. 50, (преработена од бистата на царот Калигула), Ватикански музеи
-
Комод облечен како Херкулес, о. 191, при крајот на империскиот "барокен" стил; Капитолински музеј, Рим.
-
Четирите Тетрархи, о. 305, Антикласичен стил, Сан Марко, Венеција
-
Камео познат како "Голем Камео на Франција", в. 23 АД, со алегорија на Август и неговото семејство
-
Портрет биста на маж, Стар Рим, 60 п.н.е.
-
Римски портрет со брадавици и целосен реализам.
-
Биста во мермер, средината на 1 век п.н.е
Ситни уметности
[уреди | уреди извор]Грнчарство и керамика
[уреди | уреди извор]Римјаните ја наследиле традиција на применетата уметност, односно на занаетчиството и на т.н. "мали вештини" или декоративна уметност..[40] Римската уметност не го користела вазното сликарство во начинот на Старите Грци, но садовите во Стариот Рим од керамика често биле модерно украсени.[41][42]
Стакло
[уреди | уреди извор]Луксузната уметност вклучувала римско стакло во голем спектар на техники, заедно со многу помали видови кои веројатно биле прифатливи за добар дел од римската јавноста. Ова секако не е случај за повеќето екстравагантни видови на стакло, како што се пехарните чаши или diatreta, од кои Пехарот Ликург во Британскиот музеј е уникатен симболичен пример на чаша што ја менува бојата кога се гледа со светлината поминува низ неа. Августовата вазна е ремек-дело на римското камео стакло,[43] и го имитира стилот на големире изрезбани камења (Блакас Камео, Гема Августеа, Голем Камео на Франција) и други резби на камен кои се многу популарни во тоа време.[44]
Мозаик
[уреди | уреди извор]Римскиот мозаик се смета за мала уметност, иако честопати наголемо се користел, а при крајот на 4 век Христијаните почнале да го користат за големи религиозни слики на ѕидовите во нивните нови големи цркви. Претходно во римската уметност мозаикот главно се користел за подови, за тавани, и за поплочување внатрешни или надворешни ѕидови кои ќе бидат влажни, како оние во бањите. Познатиот примерок од хеленистичкото сликарство, Александровиот мозаик во Неапол првично бил поставен на подот во Помпеја. Овој мозаик е со многу повисок квалитет на изработка од повеќето други римски мозаици. Римјаните правеле разлика помеѓу нормален опус теселатум чии тесери најчесто биле поголеми од 4 мм изработуван на самото место, и пофиниот опус вермикулатум кој се користел за мали панели, односно површини, и се изработувал во работилница а потоа се донесувал на местото како готов панел. Вториот бил хеленистички жанр и се наоѓа во Италија помеѓу 100 п.н.е и 100 година од нашата ера. Повеќето потпишан мозаици имаат грчки имиња, што укажува на тоа дека уметниците останале претежно грчки, иако веројатно често биле робови обучени во работилниците. На крајот на 2 век пред нашата ера Нилскиот мозаик на Палестрина е многу голем пример на нилски пејзажи, додека во 4 век Гладијаторскиот мозаик во Рим покажува неколку големи фигури во борба.[45] Има и Орфејски мозаици, кои често биле уште една омилена тема. Во преодот кон византиската уметност, тенденцијата била ловечки сцени и животни.
Металообработка
[уреди | уреди извор]Обработката на метал била високо развиена и суштински дел од домовите на богатите, кои при јадењето користеле прибор од сребро, додека често пиеле од стакло, а воедно, изработувале фитинзи на нивниот мебел, накит и фигурини. Голем број на важни откритија на скапоцености во последните 200 години, претежно од крајот на империјата, дава многу појасна идеја за римската сребрена чинија. Милденхолското богатство и хокснеското се од Источна Англија во Англија.[46] Постојат и неколку останати пронајдоци на римски мебел кои покажуваат префинет и елегантен дизајн на изработката.
Монети и медали
[уреди | уреди извор]Римските монети ги достигнале уметничките врвови на најдобрите грчки ковани пари, и истите останале во голем број така што нивната иконографија и натписи се клучен извор за проучување на римската историја. Воедно содржат и многу фини примери на портрети. Тие биле присутни и кај руралното население на територијата на целата Империја и надвор од неа, заедно со варварите на работ на Империјата кои изработувале нивни сопствени копии. Во Империјата медалјони од благородни метали почнале да се произведува во мали изданија како кралскиот подароци. Тие се слични со монетите, иако поголеми и обично пофини во изработката. Сликите на монетите првично го следеле грчкиот стил, со прикажување на богови и симболи, но подоцна, прво Помпеја а потоа и Јулиј Цезар се појавил на монетите. Потоа портретите на царот или членовите на неговото семејство станал стандард на империјалното ковање на монети. Натписите биле користени за пропаганда.
Архитектура
[уреди | уреди извор]Во областа на архитектурата римската уметност ги направила најголемите иновации. Бидејќи римската империја се протегала на голема површина тука биле вклучени многу урбанизирани области а римските инженери развиле методи за градби од широки размери, вклучувајќи ја и употребата на бетонот. Масивни згради како на Пантеонот и Колосеумот можеле никогаш да не бидат изградени со претходните материјали и методи. Иако тој бил измислен илјада години порано, на Истокот, Римјаните ја продолжиле неговата употреба градејќи ги нивните најимпресивните градби и споменици, искористувајќи ја силата и ниската цена на материјалот.[47] Користеле гипс, тула, камен или мермер, дрво и украс полихром а позлатената скулптура била често додавана за да се произведе блескав ефект на моќ и богатство.
Поради овие методи, римската архитектура станала позната по издржливоста на градбата, и многу римски зданија сè уште стојат, а некои уште се во употреба. Главно зградите биле претворени во цркви за време на христијанската ера. На многу урнатини, сепак, им биле одземени нивните мермери па се појавуваат малку намалени во големина и величина од нивниот оригинален изглед, како што е случајот со Базиликата на Константин.[48]
Во текот на Републиканската ера, римската архитектура била комбинација на грчки и етрурски елементи, и произведени биле иновации, како што се кружниот храм и кривиот свод.[49] Кога римската власт се зголемила во раната империја, првите цареви ги срамниле сиромашните квартови за да се изградат големи палати на ридот Палатин. Римските згради тогаш прераснале во комерцијални, политички и социјални групации познати како форум, меѓу кои најпознат е Римскиот форум (Форум Романорум). Најголемата арена во римскиот свет, Колосеумот, бил завршен околу 80 година на самиот крај на тој форум. Колосеумот бил арена со капацитет од 50,000 гледачи. Ова ремек дело на римската архитектура е светол примерок на врвното римско инженерство кој ги вклучува сите три архитектонски столба – дорски, јонски и коринтски.[50] Помалку прославената, но исто толку важна, ако не и повеќе, па за повеќето римски граѓани, била и инсулата или градскиот блок, римски еквивалент на стан во зграда, во која биле сместени десетици илјади Римјани.[51]
За време на владеењето на Трајан (98-117) и Адријан (117-138) римската империја ја достигнала својата најголема моќ а Рим бил на врвот на својата уметничка слава – масовно се граделе згради и споменици, римски куќи, градини, аквадукти, бањи, палати, павилјони, гробници и храмови. Римската примена на сводот, употребата на бетонот, на куполата овозможило изградба на јавни површини и комплекси, вклучувајќи ги палатите, јавните бањи и базиликите на "Златното доба" на империјата. Извонредни примери за купола се Пантеон, Палатата на Диоклецијан и Каракалиниот. Пантеон (посветен на сите планетарни богови) е најдобро зачуван храм на античките времиња со неоштетен таван кој е отворен со "око" во центарот. Висината на таванот точно е еднаква на внатрешниот пречник на градбата. Овие големи згради подоцна служеле како инспиративни модели за архитектите на италијанската ренесанса, како што се Брунелески. Во времето на Константин (306-337 г.) се случило последната голема изградба во Рим, вклучувајќи ја и Триумфалната порта на Константин изградена во близина на Колосеумот.
Римските аквадукти, исто така врз основа на свод, биле вообичаена градба во империјата и од суштинско значење за носење вода за големите урбани области. Некои се особено импресивни, како Понт Гар (три групи на сводови) и Сеговискиот аквадукт, кои служат како сведоштво за квалитетот на нивниот дизајн и конструкција.
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Латинска книжевност
- Римска музика
- Еротска уметност во Помпеја и Херкуланеум
- Бахиска уметност
- Помпејански стилови
- Римски графити
- Византиска уметност
- Плиниј Постариот
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Toynbee, J. M. C. (December 1971). „Roman Art“. The Classical Review. 21 (3): 439–442. doi:10.1017/S0009840X00221331. JSTOR 708631.
- ↑ Sybille Ebert-Schifferer, Still Life: A History, Harry N. Abrams, New York, 1998, p. 15,
- ↑ Ebert-Schifferer, p. 16
- ↑ Piper, p. 252
- ↑ Janson, p. 158
- ↑ Piper, p. 248–253
- ↑ Piper, p. 255
- ↑ Piper, p. 253
- ↑ Piper, p. 254
- ↑ Piper, p. 261
- ↑ Piper, p. 266
- ↑ Janson, p. 190
- ↑ Piper, p. 260
- ↑ Janson, p. 191
- ↑ Janson, p. 192
- ↑ John Hope-Hennessy, The Portrait in the Renaissance, Bollingen Foundation, New York, 1966, pp. 71–72
- ↑ Pliny the Elder, Natural History XXXV:2 trans H. Rackham 1952. Loeb Classical Library
- ↑ Janson, p. 194
- ↑ Janson, p. 195
- ↑ Daniel Thomas Howells (2015). "A Catalogue of the Late Antique Gold Glass in the British Museum (PDF)." London: the British Museum (Arts and Humanities Research Council). Accessed 2 October 2016, p. 7: "Other important contributions to scholarship included the publication of an extensive summary of gold glass scholarship under the entry ‘Fonds de coupes’ in Fernand Cabrol and Henri Leclercq’s comprehensive Dictionnaire d’archéologie chrétienne et de liturgie in 1923. Leclercq updated Vopel’s catalogue, recording 512 gold glasses considered to be genuine, and developed a typological series consisting of eleven iconographic subjects: biblical subjects; Christ and the saints; various legends; inscriptions; pagan deities; secular subjects; male portraits; female portraits; portraits of couples and families; animals; and Jewish symbols. In a 1926 article devoted to the brushed technique gold glass known as the Brescia medallion (Pl. 1), Fernand de Mély challenged the deeply ingrained opinion of Garrucci and Vopel that all examples of brushed technique gold glass were in fact forgeries. The following year, de Mély’s hypothesis was supported and further elaborated upon in two articles by different scholars. A case for the Brescia medallion’s authenticity was argued for, not on the basis of its iconographic and orthographic similarity with pieces from Rome (a key reason for Garrucci’s dismissal), but instead for its close similarity to the Fayoum mummy portraits from Egypt. Indeed, this comparison was given further credence by Walter Crum’s assertion that the Greek inscription on the medallion was written in the Alexandrian dialect of Egypt. De Mély noted that the medallion and its inscription had been reported as early as 1725, far too early for the idiosyncrasies of Graeco-Egyptian word endings to have been understood by forgers." "Comparing the iconography of the Brescia medallion with other more closely dated objects from Egypt, Hayford Peirce then proposed that brushed technique medallions were produced in the early 3rd century, whilst de Mély himself advocated a more general 3rd-century date. With the authenticity of the medallion more firmly established, Joseph Breck was prepared to propose a late 3rd to early 4th century date for all of the brushed technique cobalt blue-backed portrait medallions, some of which also had Greek inscriptions in the Alexandrian dialect. Although considered genuine by the majority of scholars by this point, the unequivocal authenticity of these glasses was not fully established until 1941 when Gerhart Ladner discovered and published a photograph of one such medallion still in situ, where it remains to this day, impressed into the plaster sealing in an individual loculus in the Catacomb of Panfilo in Rome (Pl. 2). Shortly after in 1942, Morey used the phrase ‘brushed technique’ to categorize this gold glass type, the iconography being produced through a series of small incisions undertaken with a gem cutter’s precision and lending themselves to a chiaroscuro-like effect similar to that of a fine steel engraving simulating brush strokes."
- ↑ Beckwith, 25-26,
- ↑ Grig, throughout
- ↑ Weitzmann, no. 264, entry by J.D.B.; see also no. 265; Medallion with a Portrait of Gennadios, Metropolitan Museum of Art, with better image.
- ↑ Boardman, 338-340; Beckwith, 25
- ↑ Vickers, 611
- ↑ Grig, 207
- ↑ Jás Elsner (2007). "The Changing Nature of Roman Art and the Art Historical Problem of Style," in Eva R. Hoffman (ed), Late Antique and Medieval Art of the Medieval World, 11-18. Oxford, Malden & Carlton: Blackwell Publishing.
- ↑ Natural History (Pliny) online at the Perseus Project
- ↑ Gazda, Elaine K. (1995). „Roman Sculpture and the Ethos of Emulation: Reconsidering Repetition“. Harvard Studies in Classical Philology. Department of the Classics, Harvard University. 97 (Greece in Rome: Influence, Integration, Resistance): 121–156. doi:10.2307/311303. JSTOR 311303.
According to traditional art-historical taxonomy, Roman sculpture is divided into a number of distinct categories--portraiture, historical relief, funerary reliefs, sarcophagi, and copies.
- ↑ Strong, 58–63; Henig, 66-69
- ↑ Henig, 24
- ↑ Henig, 66–69; Strong, 36–39, 48; At the trial of Verres, former governor of Sicily, Cicero's prosecution details his depredations of art collections at great length.
- ↑ Henig, 23–24
- ↑ Henig, 66–71
- ↑ Henig, 73–82;Strong, 48–52, 80–83, 108–117, 128–132, 141–159, 177–182, 197–211
- ↑ Strong, 171–176, 211–214
- ↑ Kitzinger, 9 (both quotes), more generally his Ch 1; Strong, 250–257, 264–266, 272–280
- ↑ Strong, 287–291, 305–308, 315–318; Henig, 234–240
- ↑ Piper, p. 256
- ↑ Henig, 191-199
- ↑ Henig, 179-187
- ↑ Henig, 200-204
- ↑ Henig, 215-218
- ↑ Henig, 152-158
- ↑ Henig, 116-138
- ↑ Henig, 140-150; jewellery, 158-160
- ↑ Janson, p. 160
- ↑ Janson, p. 165
- ↑ Janson, p. 159
- ↑ Janson, p. 162
- ↑ Janson, p. 167
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Beckwith, John. Early Christian and Byzantine Art. Harmondsworth: Penguin, 1970.
- Boardman, John, The Oxford History of Classical Art. Oxford: Oxford University Press, 1993.
- Grig, Lucy. “Portraits, pontiffs and the Christianization of fourth-century Rome.” Papers of the British School at Rome 72 (2004): 203-379.
- --. Roman Art, Religion and Society: New Studies From the Roman Art Seminar, Oxford 2005. Oxford: Archaeopress, 2006.
- Janson, H. W., and Anthony F Janson. History of Art. 6th ed. New York: Harry N. Abrams, 2001.
- Kitzinger, Ernst. Byzantine Art In the Making: Main Lines of Stylistic Development In Mediterranean Art, 3rd-7th Century. Cambridge: Harvard University Press, 1995.
- Henig, Martin. A Handbook of Roman Art: A Comprehensive Survey of All the Arts of the Roman World. Ithaca: Cornell University Press, 1983.
- Piper, David. The Illustrated Library of Art, Portland House, New York, 1986, ISBN 0-517-62336-60-517-62336-6
- Strong, Donald Emrys, J. M. C Toynbee, and Roger Ling. Roman Art. 2nd ed. Harmondsworth, Middlesex: Penguin, 1988.
За читање
[уреди | уреди извор]- Andreae, Bernard. The Art of Rome. New York: H. N. Abrams, 1977.
- Beard, Mary, and John Henderson. Classical Art: From Greece to Rome. Oxford: Oxford University Press, 2001.
- Bianchi Bandinelli, Ranuccio. Rome, the Center of Power: 500 B.C. to A.D. 200. New York: G. Braziller, 1970.
- Borg, Barbara. A Companion to Roman Art. Chichester, West Sussex: John Wiley & Sons, 2015.
- Brilliant, Richard. Roman Art From the Republic to Constantine. Newton Abbot, Devon: Phaidon Press, 1974.
- D’Ambra, Eve. Art and Identity in the Roman World. London: Weidenfeld & Nicolson, 1998.
- --. Roman Art. Cambridge: Cambridge University Press, 1998.
- Kleiner, Fred S. A History of Roman Art. Belmont, CA: Thomson/Wadsworth, 2007.
- Ramage, Nancy H. Roman Art: Romulus to Constantine. 6th ed. Upper Saddle River, NJ : Pearson, 2015.
- Stewart, Peter. Roman Art. Oxford: Oxford University Press, 2004.
- Syndicus, Eduard. Early Christian Art. 1st ed. New York: Hawthorn Books, 1962.
- Tuck, Steven L. A History of Roman Art. Malden: Wiley Blackwell, 2015.
- Zanker, Paul. Roman Art. Los Angeles: J. Paul Getty Museum, 2010.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Roman Art - Ancient History Encyclopedia
- Ancient Rome Art History Resources Архивирано на 15 март 2009 г.
- Dissolution and Becoming in Roman Wall-Painting Архивирано на 7 март 2011 г.
|