Дрезден
Дрезден | |
Ноќна панорама на градот | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Саксонија |
Округ | Урбан округ |
Градоначалник | Хелма Орош (ДХС) |
Основни податоци | |
Површина | 328,8 км2 |
Надм. височина | 113 м |
Население | 563.311 (31 декември 2022)[1] |
- Густина | 1.713 жит/км2 |
- Градско | 780.561 |
- Метроп. | 1.143.197 |
Основано | 1206 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Портал | dresden.de |
Местоположба на градот Дрезден во покраината Саксонија | |
Координати | 51°2′0″N 13°44′0″E / 51.03333° СГШ; 13.73333° ИГД |
Дрезден (германски: Dresden; горнолужички: Drježdźany, Дрјежѓани) — главен град[2] на сојузната покраина Саксонија во Германија. Се наоѓа во долината на реката Елба, близу границата со Чешка. Пошироката област околу Дрезден е дел од метрополитенската област Саксонски Триаголник.[3]
Има долга историја како главен град и седиште на изборните кнезови и кралевите на Саксонија, кои со векови го дополнувале градот со културен и уметнички сјај. Градот бил познат како „кутија за накит“, бидејќи самиот центар на градот бил опсипан со зданија во барок и рококо. Контроверзното бомбардирање на Дрезден при крајот на Втората светска војна убило илјадници цивили и целосно го уништило центарот на градот. Ударот на бомбардирањето и 40-годишниот урбан развој на градот во текот на комунистичката ера во Источна Германија, значајно го изменило лицето на градот. Некои реставрациски работи помогнале да се обноват одредени делови на историскиот стар дел на градот, вклучувајќи ги Хофкирхе, Земперовата опера и Богородичната црква. По обединувањето на Германија во 1990 година, Дрезден повратил одредена важност како еден од културните, образовните, политичките и економските центри на Германија.
Историја
[уреди | уреди извор]Иако Дрезден е релативно нов град со словенско потекло,[4] областа била населена уште во неолитот од одредени племиња околу 7500 п.н.е.[5] Основањето на Дрезден и раниот развој е поврзуван со источното ширење на Германите,[4] рударството во блиските Рудни Планини и основањето на Маркгрофовството Мајсен (Мајсенска Марка). Неговото име етимолошки е изведено од старолужичкиот збор Drežďany, што значи „шумарци, шумски народ“. Подоцна, Дрезден прераснал во главен град на Саксонија. На денешен горнолужички, градот се нарекува „Дрјежѓани“.
Рана историја
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XII век, словенската населба наречена Дрежѓани[6] се развила на јужниот брег. Друга постоела на северниот брег, но нејзиното словенско име не е познато. Била позната како Antiqua Dresdin од 1350, а подоцна и како Altendresden,[6][7] обете буквално означуваат „стар Дрезден“. Дитрих, грофот на Мајсен, го избрал Дрезден како негова привремена резиденција во 1206 година, додека во документите било документирано за место викано „Civitas Dresdene“.
По 1270, Дрезден станал главен град на грофовството. Бил вратен во посед на династијата Ветин околу 1319 година. Од 1485 година бил седиште на војводите на Саксонија, а од 1547 на изборните кнезови.
Нов век
[уреди | уреди извор]Изборниот кнез и владетелот на Саксонија Фридрих Август I станал крал Август Силниот од Полска во личен сојуз. Тој собрал многу од најдобрите музичари,[8] архитекти и сликари од цела Европа во Дрезден. Неговото владеење ја означила појавата на Дрезден како водечки европски град за технологија и уметност. Дрезден доживеал тешко уништување во Седумгодишната војна (1756–1763), по неговото освојување од пруските сили, неговото последователно повторно освојување и отстранувањето на пруската опсада во 1760. Фридрих Шилер ја напишал неговата Ода на радоста (основа на европската химна) за дрезденската масонска ложа во 1785.
Градот Дрезден имал карактеристична силуета, насликана на познатите слики од Бернардо Белото и од норвешкиот сликар Јохан Кристијан Дал.
Помеѓу 1806 и 1918 градот бил главен град на Кралството Саксонија (кое било дел од Германското Царство од 1871). Во текот на Наполеоновите војни, францускиот цар го направил база на операциите и во негова непосредна близина се одржала познатата Битка кај Дрезден на 27 август 1813 година. Дрезден бил центар на германските револуции во 1848 година со Мајското востание, кое однеле голем број човечки животи и го уништило историскиот стар дел на Дрезден.
Во текот на XIX век, градот станал главен економски центар, вклучувајќи го производството на моторни возила, преработка на храна, банкарство и производство на медицинска опрема.
Во почетокот на XX век, Дрезден бил особено познат по неговите изработки на камери и неговите тутунски фабрики. Помеѓу 1918 и 1934 година, Дрезден бил главен град на првата Слободна Држава Саксонија. Дрезден бил центар на европската модерна уметност до 1933 година.
Воена историја
[уреди | уреди извор]Во текот на основањето на Германското Царство во 1871 година бил изграден голем воен објект наречен Албертштат.[9] Имал капацитет за сместување на 20.000 војници на почетокот на Првата светска војна. Гарнизонот имал ограничено искористеност помеѓу 1918 и 1934 година, но потоа повторно бил целосно искористен како подготовка за Втората светска војна.
Неговата корисност била ограничено по нападите на 17 април 1945 година[10] на железничката мрежа (особено кон Бохемија).[11] Војниците биле распоредени до крајот на март 1945 година во гарнизонот Албертштат.
Албертштат станал седиште на советската армија по војната. Освен офицерската школа на германската армија (Offizierschule des Heeres), во Дрезден повеќе нема ниеден воен објект по повторното обединување на Германија и повлекувањето на советските сили во 1992 година. Денес, Бундесвер управува со Военоисторискиот музеј на Сојузна Република Германија во поранешниот гарнизон Албертштат.
Германскиот Сојузен министер за одбрана Томас де Мезиер живее и ја има неговата политична база во Дрезден.
Втора светска војна
[уреди | уреди извор]Дрезден во XX век бил главен комуникациски и производствен центар, како и водечки европски центар на уметноста, класичната музика, културата и науката до неговото целосно уништување на 13 февруари 1945 година. Станувајќи главен град на германската покраина Саксонија, Дрезден немал само гарнизони, туку и цел воен округ, Албертштат. Овој воен комплекс, именуван според саксонскиот крал Алберт не бил специфично бомбардиран во бомбардирањето на Дрезден, иако било очекувано да биде срамнет со земја.
Во текот на последниците месеци на Втората светска војна, Дрезден станал дом на 600.000 бегалци, со вкупно население од 1,2 милиони. Дрезден бил нападнат седумпати помеѓу 1944 и 1945 година и бил окупиран од Црвената армија по германската капитулација.
Бомбардирањето на Дрезден од британските и американските воздушни сили помеѓу 13 и 15 февруари 1945 година останала контроверзна сојузничка акција во текот на војната.
Стариот дел на Дрезден бил во голема мера уништен од 722. британски и 527. американски бомбардери, кои фрлиле 2.431 тон високоексплозивни бомби и 1.475,9 тони запаливо гориво.[12] Високоексплозивните бомби уништиле згради и ја изложило нивната дрвена градба, додека горивото ја запалила, значително намалувајќи ги скривалиштата на преостанатите германски војници и бегалци. Бомбардирањето го уништило скоро во целост стариот дел на градот[13] во трите напади. Според нацистичките извештаи се говорело за 200.000 мртви. Германската историска комисија во Дрезден во официјален извештај издаден во 2010 година, по претходно спроведено петгодишно истражување, известиле за 25.000 жртви, додека десничарските групи продолжиле да тврдат за пола милион жртви.[14]
Населениот дел од центарот на градот бил скоро збришан, додека поголемите станбени, индустриски и воени областа во предградијата останале скоро недопрени. Сојузниците ја опишале операцијата како легитимно бомбардирање на воени и индустриски цели.[15] Извештај на британската команда наведува дека воена цел била железничката линија Дрезден-Фридриксштат. Подоцна, премиерот Винстон Черчил се повлекол од нападот, иако бил значително вмешан во планирањето на истиот. Неколку истражувачи расправаат дека нападите во февруари биле непропорционални. Главно погинале жени и деца.[16]
Американскиот писател Курт Вонегут во романот Slaughterhouse-Five пренесува искуство од прва рака за самиот напад како воен заробеник. Во сеќавање на жртвите, годишнините на бомбардирањето на Дрезден се одбележани со мировни демонстрации, молитви и маршови.[17][18]
Повоен период
[уреди | уреди извор]По Втората светска војна, Дрезден станал главен индустриски центар во Германската Демократска Република (поранешна Источна Германија) со голем дел во истражувачките објекти. Многу важни историски градби биле повторно изградени, вклучувајќи ја Земперовата опера, дворецот Цвингер и многубројни други историски градби, иако водачите на градот одлучиле да обноват голем дел од градот во „модерен социјалистички“ стил, делумно поради економски причини, но исто така да се отстрани минатото на градот како кралски главен град на Саксонија и упориште на германската буржоазија. Меѓутоа, некои од бомбардираните руини на цркви, кралски градби и дворци, како што биле готската црква Света Софија, театарот Алберт и фворецот Вакербарт биле срушени од советските и источногерманските власти во 1950-тите и 1960-тите, наместо да бидат обновени. Споредено со Западна Германија, каде поголемиот дел од историските градби биле зачувани.
Од 1985 до 1990 година, во Дрезден како дел од КГБ се наоѓал Владимир Путин, иден претседател на Русија. На 3 октомври 1989 година (т.н. „битка за Дрезден“), конвој на возови кои ги носеле источногерманските бегалци од Прага поминале низ Дрезден на нивниот пат кон Сојузна Република Германија. Локални активисти и жители му се придружиле на граѓанското движење, кое се ширело низ Германската Демократска Република со одржување на демонстрации и барање за отстранување на недемократската влада.
По обединувањето
[уреди | уреди извор]Дрезден доживеал драматични промени по повторното обединување на Германија во почетокот на 1990-тите. Градот сè уште се носел со раните од бомбардирањето во 1945 година, но бил подложен на значајна обнова во изминатите декади. Обновата на Богородичната црква била завршена во 2005 година, една година пред 800-годишнината на Дрезден, поддржана од приватни фондови. Златниот крст на врвот на црквата бил платен и дониран од Градот Единбург како знак за поврзаноста помеѓу двата града. Процесот на урбана обнова, која вклучувала обнова на областа околу новиот плоштад во која се наоѓа Фрауенкирхе, ќе продолжи со декади, но јавниот и владин интерес останал висок и во тек се бројни големи проекти - како обнова на историски објекти и современи планови - кои ќе ја продолжат неодамнешната ренесанса на градската архитектура.
Дрезден останал главен културен центар на историските спомени, посветени на уништувањето на градот во Втората светска војна. Секоја година на 13 февруари, годишнина на британско-американските бомбардирања, кои го уништиле поголемиот дел на градот, десетици илјади демонстранти се собираат да го одбележат настанот. По повторното обединување, самата прослава има земено понеутрална и мировна улога (откако се користела во политички цели во текот на Студената војна). Меѓутоа, во изминатите години, одредени групи на скинхедси се обиделе да го искористат настанот за нивни политички цели. Во 2005 година, во Дрезден се одржале најголемите неонацистички демонстрации во повоената историја на Германија. Помеѓу пет и осум илјади неонацисти се собрале да го одбележат, како што тие го нарекуваат, „холокаустот на бомбардирањето од Сојузниците“.
Во 2002 година поројни дождови предизвикале Елба да надојде 9 метри над нејзината нормална висина, да постигне повисоко ниво од стариот рекорд на висина во 1845 година, оштетувајќи многу знаменитости. Уништувањата од овие „милениумски поплави“ не се повеќе видливи, поради брзината на нивното отстранување.
Организацијата за култура на Обединетите нации УНЕСКО ја прогласил Дрезденската долина на Елба како светско културно наследство во 2004 година.[19] Откако била поставена на списокот на загрозени објекти на светското наследство во 2006 година, градот ја загубил титулата во јуни 2009,[20][21] поради изградбата на мостот Waldschlößchenbrücke, правејќи го вториот избришан објект од списокот на светско културно наследство.[20][21] УНЕСКО во 2006 година навел дека мостот ќе го наруши културниот пејзаж. Правните потези на советот на градот за спречување на изградбата на мостот не успеале.[22][23]
Дрезденската долина на Елба во период од пет година била меѓународно призната поради нејзината културна значајност од одборот на светското наследство на УНЕСКО. Откако била ставена на списокот на загрозени објекти на светското наследство во 2006 година, градот формално го загубил својот статус како светско културно наследство во јуни 2009 година, поради кршење на конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО, со изградбата на мостот за автопат низ долината на само 2 километри од историскиот центар на градот. Со тоа станал првото место во Европа, кое некогаш го загубило овој статус и вторпат во светот.[24]
Географија
[уреди | уреди извор]Местоположба
[уреди | уреди извор]Дрезден се наоѓа на обата брега на реката Елба, во Дрезденската долина, додека на југ се граничи со источните Рудни Планини, на север се наоѓа областа Лужица и на исток на височина околу 113 метри се наоѓаат Елпските Песочнички Планини. Трибенберг е највисоката точка во Дрезден со 384 метри надморска височина.[25]
Со пријатната положба и свежата клима на Елба, како и барокната архитектура и бројните светски познати музеи и уметнички збирки, Дрезден е наречен „Elbflorenz“ (Фиренца на Елба). Припојувањето на соседните рурални општини во последниве 60 години го направи Дрезден четвртиот најголем урбан округ по површина во Германија по Берлин, Хамбург и Келн.[26]
Најблиски германски градови се Хемниц 80 километри на југозапад, Лајпциг 100 километри на северозапад и Берлин 200 километри на север. Прага, Чешка е околу 150 километри на југ, а 200 километри на исток се наоѓа полскиот град Вроцлав.
Природа
[уреди | уреди извор]Дрезден е еден од најзелените градови во цела Европа; 63% од површината на градот претставува зелени површини и шуми. Дрезднер Хајде на север е шума од 50 км2. Постојат и четири природни резервати. Дополнително постојат и Специјални заштитни области, кои се протегаат на 18 км2. Заштитени градини, паркови, стари лозја и пешачки патеки се вбројуваат во 110 природни споменици во градот.[27] Дрезденската долина на Елба е поранешно светско културно наследство, кое е насочено кон зачувување на културниот пејзаж во Дрезден. Еден важен дел од тој пејзаж се ливадите покрај Елба, која поминува 20 километри низ Дрезден. Саксонска Швајцарија е важна соседна област.
Клима
[уреди | уреди извор]Дрезден има умерено ладна до континентална клима, со потопли лета и постудени зими отколку германскиот просек. Просечната температура во февруари е 1,7 °C, а во јули 18,1 °C.[28] Годишната температура во градот во просек е 10,2°. Најсуви месеци се февруари и март, со врнежи од само 40 mm. Највлажни месеци се јули и август, со 61 mm по месец.
Микроклимата во долината на Елба се разликува од она на падините и во повисоките области на градот. Клоче, на 227 метри надморска височина, е местото на метереолошката служба во Дрезден. Времето во Клоче е 1 до 3 степени постудено отколку во центарот на градот.
Клима на Дрезден | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Показател | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | Годишно |
Просечна максимална (°C) | 1 | 1 | 7 | 12 | 17 | 21 | 22 | 22 | 18 | 13 | 6 | 3 | 12 |
Просечна температура (°C) | −0,5 | −1,5 | 3 | 7 | 12 | 16 | 17 | 17 | 14 | 9,5 | 4 | 1,5 | 8 |
Просечна минимална (°C) | −2 | −4 | −1 | 3 | 8 | 11 | 13 | 13 | 10 | 6 | 2 | 0 | 5 |
Просечно кол. врнежи (мм) | 30 | 20 | 30 | 50 | 60 | 80 | 80 | 70 | 50 | 40 | 30 | 40 | 580 |
Врнежливи денови (≥ 2,0 мм) | 4 | 3 | 4 | 6 | 6 | 7 | 9 | 5 | 5 | 5 | 3 | 5 | 62 |
Сончеви часови (месечно) | 52,2 | 73,5 | 121,6 | 135,8 | 190,4 | 179,7 | 205,0 | 182,0 | 142,7 | 118,0 | 56,9 | 49,6 | 1.507,4 |
Извор: Weatherbase[29]; Податоци од Германската метеоролошка служба[30] |
Заштита од поплави
[уреди | уреди извор]Поради неговата положба на бреговите на Елба, каде се влеваат и одредени текови од Рудните Планини, заштитата од поплави е важна. Големи површини се ослободени од секаква градба со цел да се обезбеди место за надојдените води. Два дополнителни канали, околу 50 метри широки, се изградени за зачувување на стариот дел на градот од поплави на Елба, со носење на водата низводно кон клисурата на реката. Системите за регулирање на поплави, како канали за задржување на водата и вештачките езера се наоѓаат надвор од градот.
Вајсериц, обично мала река, директно истекла кон главната железничка станица на Дрезден во текот на поплавите во 2002 година. Ова се случило бидејќи реката се вратила во нејзиното старо речно корито; кое било изместено поради самата железничка станица.
Многу области треба да бидат заштитени со ѕидови и придружни објекти за заштита од поплавите. Голем број окрузи биле поплавени од Елба во текот на големите поплави.
Демографија
[уреди | уреди извор]Населението на Дрезден достигнало 100.000 во 1852 година, правејќи го трет германски град, кој ја достигнал таа бројка.[26] Населението го достигнало врвот од 649.252 жители во 1933 година, но опаднало на 450.000 во 1946 како последица на Втората светска војна, кога голем број станбени области на градот биле уништени. По големиот број припојувања на околните села и општини и обновата на градот, населението повторно се зголемило на 522.532 помеѓу 1950 и 1983 година.[31]
По повторното обединување на Германија демографскиот развој бил многу нестабилен. Градот се соочил со миграција и субурбанизација. Населението се зголемило на 480.000 жители како последица на одредени припојувања во текот на 1990-тите, но опаднало на 452.827 во 1998 година. Помеѓу 2000 и 2010 година населението се зголемило за повеќе од 45.000 жители (околу 9,5%) поради стабилизираната економија и повторната урбанизација. Заедно со Минхен и Потсдам, Дрезден е еден од десетте најбрзо растечки градови во Германија,[26] додека населението во новата сојузна покраина сè уште се намалува.[31][32] Населението на градот Дрезден е 523.058 (2010),[33] додека на областа околу Дрезден е 780.561 (2008),[34] и населението на регионот Дрезден (кој ги вклучува соседните окрузи Мајсен, Саксонска Швајцарија-Источни Рудни Планини и западниот дел на округот Бауцен) — 1.143.197 (2007).[35] Денес Дрезден е еден од малкуте германски градови кој има повеќе жители отколку пред Втората светска војна.
Во Дрезден, околу 51,3% од населението е женско. Странците учествуваат со 4% од вкупното население.[36] Просечната возраст на населението е 43 години, што е најниска помеѓу урбаните окрузи во Саксонија.[37]
Припадност | Процент |
---|---|
Германци | 91% |
Други Европејци | 5% |
Турци | 0,2% |
Азијци | 1% |
Африканци | 0,7% |
Други/Мешани | 2,1% |
Политика
[уреди | уреди извор]Дрезден е еден од 16. политички центри во Германија и главен град на Саксонија. Постојат институции за локалната администрација, кои се слободни во однос на надлежностите на главниот град.[38] Некои локални работи на Дрезден добиваат и национално внимание.
Дрезден во изминатите години бил домаќин на меѓународни самити, како што бил дијалогот Петерсбург помеѓу Русија и Германија, конференцијата на министрите за внатрешни работи на Европската Унија и министерската конференција на земјите членки на Г8.
Градски и општински совет
[уреди | уреди извор]Градски совет ги одредува основните принципи на општината по степени и статути. Советот му дава наредби на градоначалникот преку гласање на одлуки и така има одредена извршна моќ.[39]
Моментално, не постои стабилнo владејачко мнозинство во градскиот совет на Дрезден.[40]
Градоначалникот е директно избран од граѓаните во период од седум години. Извршните функции обично се избираат непосредно во Германија. Меѓутоа, градоначалникот дели бројни извршни права со градскиот совет. Тој/Таа е на чело на општината и исто така има церемонијална улога на градот. Главните оддели на градот се управувани од седум подградоначалници.[41]
Локални работи
[уреди | уреди извор]Локалните работи во Дрезден се движат околу урбаниот развој на градот и неговиот простор. Архитектурата и дизајнот на јавните места е контроверзна тема. Дискусиите околу мостот Валдшлесхен (Waldschlößchenbrücke), мост во изградба преку Елба, доби меѓународно внимание поради неговата положба во Дрезденската долина на Елба, дел од светското културно наследство. Неговата изградба предизвика долината да го загуби нејзиниот статус како културно наследство во 2009.[42] Градот одржал референдум во 2005 година дали да се изгради мостот, пред УНЕСКО да изрази сомневања за вклопеноста на мостот и долината.
Во 2006 година Дрезден ја продал јавната станбена организација, WOBA Dresden GmbH, на приватна инвестициска компанија од САД, Fortress Investment Group. Градот добил 987,1 милион евра и ги отплатил сите заостанати долгови, станувајќи првиот голем град во Германија кој немал долгови. Противниците на продажбата биле загрижени за загубата на контролата на Дрезден над субвенционираниот станбен пазар.[43]
Меѓународни односи
[уреди | уреди извор]Збратимени градови
[уреди | уреди извор]Заедно со збратимениот град Ковентри, Дрезден бил првиот од двата града кој се збратимиле со странски град. Слична симболика се случила во 1988 година, кога Дрезден се збратимил со холандскиот град Ротердам. Градовите станале збратимени по Втората светска војна како дело на помирување, иако и двата града страдале од уништувања во бомбардирањата. Бомбардирањата на Ковентри и Ротердам од германските воздушни сили Luftwaffe исто така се сметаат за непропорционални. Дрезден има тројно партнерство со Санкт Петербург и Хамбург од 1987 година. Дрезден има тринаесет збратимени градови.[44]
- Ковентри, Обединето Кралство, од 1959 година
- Санкт Петербург, Русија, од 1961 година
- Вроцлав, Полска, од 1963 година
- Скопје, Македонија, од 1967 година[45]
- Острава, Чешка, од 1971 година
- Бразавил, Конго, од 1975 година
- Фиренца, Италија, од 1978 година
- Хамбург, Германија, од 1987 година[46]
- Ротердам, Холандија, од 1988 година
- Стразбур, Франција, од 1990 година
- Салцбург, Австрија, од 1991 година
- Колумбус, САД, од 1992 година
- Хангџоу, Кина, од 2009 година
Култура и архитектура
[уреди | уреди извор]Дрезден се обидува да ја поврати својата културна важност, која ја имал од XIX век до 1920-тите, кога бил центар на уметноста, архитектурата и музиката. Голем дел од делата на композиторите Карл Марија фон Вебер и Рихард Вагнер биле изведувани премиерно во Дрезден. Други познати уметници, како што се Ернст Лудвиг Кирхнер, Ото Дикс, Оскар Кокошка, Рихард Штраус, Готфрид Земпер и Грет Палука, исто така биле активни во градот. Дрезден е исто така дом на неколку важни уметнички збирки, светски познати музички ансамбли и важни градби од најразлични архитектонски периоди, многу од нив биле обновени по уништувањето во Втората светска војна.
Култура
[уреди | уреди извор]Саксонската покраинска опера потекнува од операта на поранешните изборни кнезови и кралеви на Саксонија во Операта Земпер. Откако била целосно уништена во текот на бомбардирањето на Дрезден во Втората светска војна, обновата на операта била целосна 40 години подоцна, на 13 февруари 1985 година. Нејзиниот музички ансамбл е Sächsische Staatskapelle Dresden, основан во 1548.[47] Покраинскиот театар во Дрезден раководи со голем број помали театри. Дрезденската покраинска оперета е единствената независна оперета во Германија.[48]
Постојат неколку хорови во Дрезден, најпознат помеѓу нив е Дрезденскиот хор на крстот (Dresdner Kreuzchor). Тоа е машки хор предводен од ученици на Kreuzschule и бил основан во XIII век.[49] Dresdner Kapellknaben не се поврзани со Staatskapelle, туку со поранешниот Hofkapelle, католичка катедрала од 1980 година. Дрезденскиот филхармониски оркестар е оркестарот на градот Дрезден.
Преку летото се одржуваат низа концерти на отворени во Zwingerhof. Изведбите вклучуваат танцување и музика.[50]
Голем настан секоја година во јуни е Bunte Republik Neustadt.
Музеи и збирки
[уреди | уреди извор]Дрезден е седиште на Државната уметничка збирка (Staatlichen Kunstsammlungen Dresden), која според сопствените изјави на институцијата претставува еден од најважните музеи во светот. Уметничките збирки се состојат од дванаесет музеи, од кои Галеријата на старите мајстори (Gemäldegalerie Alte Meister) и Зелениот трезор (Grünes Gewölbe) се најпознати.[51] Исто така познати се Галеријата на новите мајстори (Galerie Neue Meister), Дрезденската оружарница (Rüstkammer) со турската комора и Етнолошкиот музеј (Museum für Völkerkunde Dresden).
Други музеи и збирки поседувани од Слободната Држава Саксонија во Дрезден се:
- Германски хигиенски музеј (Deutsche Hygiene-Museum), основан за масовно образование за хигиената, здравјето, човечката биологија и медицина[52]
- Државен праисториски музеј (Landesmuseum für Vorgeschichte)[53]
- Државна збирка за историја на природата (Staatliche Naturhistorische Sammlungen Dresden)
- Универзитетска уметничко-технолошка збирка (Universitätssammlung Kunst + Technik)
- Сообраќаен музеј (Verkehrsmuseum Dresden)
- Тврдина Дрезден (Festung Dresden)[54][55]
Градскиот музеј го води од градот Дрезден и е насочен кон историјата на градот. Военоисторискиот музеј на Бундесверот Militärhistorisches Museum der Bundeswehr е сместен во поранешните касарни во Албертштат.
Саксонската покраинска библиотека го чува познатиот дрезденски кодекс. Ботаничката градина на Техничкиот универзитет (Botanischer Garten der Technischen Universität Dresden) — ботаничка градина во големата градина која е одржана од Техничкиот универзитет Дрезден. Исто така во големата градина (Großer Garten) — сместена и зоолошката градина.
Архитектура
[уреди | уреди извор]Иако за Дрезден често се вели дека е барокен град, неговата архитектура е под влијание на повеќе од еден стил. Други важни стилови се ренесансата и историзмот, како и современите стилови на модернизмот и постмодернизмот.
Дрезден има околу 13.000 запишани културни споменици и осум окрузи под општа заштита.[56]
Кралска резиденција
[уреди | уреди извор]Кралските градби се меѓу најсликовитите градби во Дрезден. Дрезденскиот замок бил седиште на кралството од 1485. Крилата на зградата биле обновувани, доградувани и повторно градени многупати. Поради ова спојување на стилови, замокот е сплет на елементи на ренесанса, барок и класицизам.[57]
Дворецот Цвингер е наспроти замокот. Бил изграден на местото на старата резиденција на градот и бил преобразен во центар за кралските уметнички збирки и место за одржување фестивали. Позната е неговата порта преку ендекот полн со вода, надвиснат со златна круна.[58]
Други кралски градби и места:
- Тераса Брил била подарок од Хајнрих и станала место на згради над реката Елба.
- Дрезденска долина на Елба со замокот Пилниц и други замоци.
Сакрални градби
[уреди | уреди извор]Хофкирхе била црквата на кралската резиденција. Август Силниот, кој посакувал да биде крал на Полска, преминал во католицизам, бидејќи полските кралеви морале да бидат католици. Во тоа време, Дрезден бил исклучиво протестантски. Август Силниот наредил зградата на Хофкирхе, римокатоличка катедрала, да претставува знак на римокатоличката религиозна важност во Дрезден. Црквата е катедрала „Sanctissimae Trinitatis“ од 1980 година. Криптата на династијата Ветин се наоѓа во рамките на црквата.[59]
Во спротивност на Хофкирхе, лутеранската Богородична црква (Фрауенкирхе) била изградена скоро целосно од граѓаните на Дрезден. Се вели дека ја има најголемата купола во Средна и Северна Европа. Историската Кројцкирхе во градот бил осветена во 1388.[60]
Постојат и други цркви во Дрезден, како оние на Руската православна црква во округот Зидфорштат.
Современа архитектура
[уреди | уреди извор]Дрезден бил важно место за развојот на современата архитектура со векови и овој тренд продолжил во XX и XXI век.
Зградите изградени во историзам првпат се појавиле околу 1920-тите преку јавните згради како што се покраинската влада и градското собрание. Една од најновите градби на оваа ера е Музејот за хигиена, кој е проектиран во импресивен монументален стил, но не вклучува фасада и има едноставни украси. Често е сфатена како баухаус стил.
Најголем дел од Дрезден бил изграден по 1945 година, мешавина на обновување или реконструирање стари градби и нови градби во модерни и постмодерни стилови. Важни градби изградени помеѓу 1945 и 1990 година се „Центрум“ (Centrum-Warenhaus, голема стоковна куќа), Kulturpalast и неколку помали и два поголеми станбени комплекси во сталинистичка архитектура.
По 1990 година и повторното обединување на Дрезден се појавија нови стилови. Важни современи градби се Новата синагога, постмодерна градба со неколку прозорци, Transparent Factory, саксонскиот покраински парламент и Нова тераса, киното UFA-Kristallpalast (една од најголемите згради на деконструктивизмот во Германија) и Саксонската покраинска библиотека. Даниел Либескинд и Норман Фостер ги промениле постојните згради. Фостер ја покрил главната железничка станица. Либескинг ја променил целата фасада на Военоисторискиот музеј на Бундесвер преку зацврстување на историската касарна.
Други згради
[уреди | уреди извор]Други важни згради се мостовите преку реката Елба како мостот Сино чудо и Мост Август, кој е на местото на најстариот мост во Дрезден.
Постојат околу 300 фонтани и чешми, многу од нив во паркови или на плоштади. Изворите имаат само украсна функција, бидејќи сега постои систем на пивка вода во Дрезден. Чешмите и фонтаните се исто така елементи на современата архитектура.
Најпозната скулптура во Дрезден е златната скулптура на Август Силниот наречена „Златниот јавач“ (Goldener Reiter) на плоштадот Нојштетер Маркт (Neustädter Markt). Друга скулптура е во спомен на Мартин Лутер пред црквата Фрауенкирхе.
Дрезден-Хелерау
[уреди | уреди извор]Градинарскиот град Хелерау, во тоа време предградие на Дрезден, бил основан во 1909 година. Во 1911 година, Хајнрих Тесенов го изградил театарот во Хелерау (Festspielhaus Hellerau) и Хелерау станал центар на модернизмот по завршувањето на Првата светска војна.
Во 1950 година, Хелерау бил припоен кон градот Дрезден. Денес, архитектурата на Хелерау е земена како пример. Во 1990-тите, градинарскиот град на Хелерау станал заштитна област.
Квартови
[уреди | уреди извор]Дрезден е поделен на многу градски квартови, над 100, меѓу нив интересни се поголемите рурални населби по течението на реката, во кои се наоѓаат историски станбени куќи. Исто така, постојат некои станбени квартови во Арт Нуво и два поголеми кварта со комунистичка архитектура, но доста реновирани. Градот Радебојл е приклучен на трамвајскиот систем на Дрезден, кој е доста скап поради недостиг на подземна железница.
Кина и кинематографија
[уреди | уреди извор]Постојат неколку мали кино-сали, кои на својата програма имаат култни филмови или нискобуџетни филмови. Исто така, во Дрезден се присутни неколку мултиплекс кина, од кои киното Rundkino е најстаро.
Спорт
[уреди | уреди извор]Дрезден е дом на Динамо Дрезден, кој имал традиција во клупските натпреварувања на УЕФА до раните 1990-ти. Динамо Дрезден освоил осум титули во првата лига на ГДР. Моментално, клубот е член на втората Бундеслига, откако неколку сезони бил во првата и третата лига.
Во раниот XX век, градот бил претставуван од Дрезднер, кој бил еден од најуспешните фудбалски клубови во Германија. Нивните најдобри денови биле во текот на Втората светска војна, кога на двапати биле германски прваци и двапати го освоиле Купот. Дрезднер е клуб со повеќе спортови. Додека нивната фудбалска екипа игра во шестата по ранг лига на Саксонија, нивната одбојкарска екипа има состав во женската Бундеслига. Дрезден има и трет фудбалски клуб Бореа Дрезден.
Дрезднер Ајслевен е клуб во хокеј на мраз кој настапува во втората Бундеслига. Дрезден Монархс се екипа во американски фудбал во германската фудбалска лига.
Од 1890 се одржуваа коњски трки и коњскиот сојуз на Дрезден е активен и овие трки претставуваат еден од големите спортски настани во Дрезден.
Поголеми спортски објекти во Дрезден се стадионот Гликгаз, стадионот Хајнц Штајер и арената ЕнерџиФербунд (хокеј на мраз).
Инфраструктура
[уреди | уреди извор]Сообраќај
[уреди | уреди извор]Автопатот А4 (Е40) поминува низ Дрезден во северозападниот дел од запад кон исток. Сојузниот автопат А17 оди од А4 во насока кон југоисток. Во Дрезден оди низ Рудните Планини кон Прага. А13 се протега од раскрсницата „Дрезден-Север“ и оди до Берлин. А13 и А17 се наоѓаат на Е55. Неколку сојузни автопати поминуваат низ Дрезден.
Постојат две големи железнички станици во Дрезден, кои го опслужуваат железничкиот сообраќај во градот: Главната железничка станица Дрездени и железничката станица Дрезден-Нојштат. Најважните железнички линии водат до Берлин, Прага, Лајпциг и Кемниц. Регионалниот приградски железнички систем (Дрезденска С-Железница) управува со три линии долж градот.
Дрезденскиот аеродром е меѓународен аеродром на Дрезден, сместен во северозападните делови на градот. Неговата инфраструктура била подобрена со нови терминали и пристап до автопатот.
Дрезден има голема трамвајска мрежа управувана од Dresdner Verkehrsbetriebe, „Сообраќајно претпријатие на Дрезден“. Поради геолошката подлога, која не дозволува изградба на подземна железница, трамвајот е важна форма во јавниот превоз. Сообраќајните власти управуваат со дваесет линии, кои се распространети на 200 километри низ градот.[61] Многу од новите нископодни возила се долги до 45 метри и се произведени од Bombardier во Бауцен. Додека многу од линиите во системот се наоѓаат на посебни траси (често со трева помеѓу нив за да се избегне бучавата), сепак одреден дел се наоѓаат на улиците, особено во стариот дел на градот.
CarGoTram е трамвај кој ја снабдува фабриката на Фолксваген, Gläserne Manufaktur и поминува низ градот. Оваа фабрика се наоѓа недалеку од центарот на градот до најголемиот парк во градот.[62]
Окрузите Лошвиц и Вајсер Хирш се поврзани со Дрезденската жичница, која била отворена на 26 октомври 1895.
Јавни објекти
[уреди | уреди извор]Дрезден е главен град на германската покраина Саксонија. Тој е седиште на Парламентот на Саксонија[63] и министерствата на саксонската влада. Уставниот суд на Саксонија се наоѓа во Лајпциг. Највисокиот суд на Саксонија за граѓанско и кривично право, Високиот регионален суд на Саксонија, се наоѓа во Дрезден.[64]
Поголемиот дел од саксонските покраински власти се сместени во Дрезден. Дрезден е дом на регионалната комисија на административниот округ Дрезден, еден од трите окрузи во Саксонија. Има јурисдикција на четири рурални окрузи и градот Дрезден.
Како многу градови во Германија, Дрезден е дом на основен суд, има трговска комора и многу подрачни единици на сојузните агенции. Исто така, во него се наоѓаат и подружници на германската царина и водниот директорат на Германија.
Исто така, во Дрезден се наоѓа окружната воена команда, но повеќе нема големи воени објекти како во минатото. Дрезден е традиционално место за школата за воени офицери во Германија, Offizierschule des Heeres.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Во 1990 година, Дрезден - важен индустриски центар на Германската Демократска Република — морал да се бори со економскиот колапс на Советскиот Сојуз и другите извозни пазари во Источна Европа. Германската Демократска Република била најбогата земја во целиот Источен блок, но била соочена со конкуренцијата од Сојузната Република Германија по повторното обединување. По 1990 година бил воведен целосно нов правен и валутен систем со цел будење на економијата на Источна Германија, додека инфраструктурата во земјата била доста подобрена и изградена со фондови од Западна Германија. Дрезден како главен урбан центар се развил многу побрзо и подобро отколку останатите региони на поранешната Источна Германија, но градот сè уште се соочува со многу социјални и економски проблеми од падот на поранешниот систем, вклучувајќи ги и високите стапки на невработеност.
Додека во комунистичката ера познатите претпријатија не го напуштиле Дрезден со цел избегнување на национализација, Дрезден бил еден од најважните германски градови. Во периодот на ГДР до 1990 година бил забележуван низок економски развој во споредба со западните германски градови. Претпријатијата и производството скоро целосно доживеа колапс по воведувањето на пазарната економија. Оттогаш, економијата на Дрезден закрепнува.
Стапката на невработеност се движела помеѓу 13% и 15% во првите 20 години по повторното обединување на Германија и сè уште е на релативно високо ниво.[65] И покрај тоа, Дрезден се развива побрзо од просекот за Источна Германија и го зголемил својот БДП по глава на жител на 31.100 евра, еднакво на БДП по глава на жител во некои посиромашни западногермански делови (просекот на 50. најголеми градови е околу 35.000 евра).[66]
Благодарение на присуството на локалната администрација, високата густина на полујавни истражувачки институти, кои во Германија успешно се шират во високотехнолошките сектори со помош на државата, учеството на висококвалификувани работници е повторно меѓу највисоките во Германија и Европа, иако - како и сите други источни градови во Германија - Дрезден има традиционален недостиг на седишта на претпријатија. Обично, Дрезден е помеѓу десетте најголеми градови во Германија со најдобри услови за живеење. Во мај 2012 година, стапката на невработеност достигнала најниска стапка од 8,9%.
Претпријатија
[уреди | уреди извор]Три големи сектори преовладуваат во економијата на Дрезден:
Индустријата за полуспроводници била изградена во 1969 година. Денес, поголеми претпријатија се AMD, Infineon Technologies, ZMD и Toppan Photomasks. Нивните фабрики привлекуваат многу подизведувачи на материјали и нивни снабдувачи во Дрезден.
Фармацевтскиот сектор дошол на крајот на XIX век. Sächsisches Serumwerk Dresden поседувана од GlaxoSmithKline е светски водач во производството на вакцини. Друг традиционален фармацевтски производител е Arzneimittelwerke Dresden.
Третата традиционална гранка е машинската и електротехниката. Поголеми компании се Фолксваген, ЕАДС, Сименс и Линде-КЦА-Дрезден.
Туризмот е уште еден сектор на економија, од кој се остваруваат високи приходи и вработувања. Постојат повеќе од стотина поголеми хотели во Дрезден и многу мали хотели и хостели.
Образование и наука
[уреди | уреди извор]Универзитети
[уреди | уреди извор]Дрезден е дом на голем број познати универзитети, но помеѓу германските градови се смета за понова средина за академско образование.
- Техничкиот универзитет Дрезден (Technische Universität Dresden) со повеќе од 36.000 студенти (2011)[67] бил основан во 1828 и е еден од најстарите и најголеми технички универзитети во Германија. Моментално е најголем технички универзитет во Германија по број на студенти, но исто така има и многу насоки во општествените науки, економијата и другите нетехнички науки. Нуди 126 насоки.
- Техничкиот универзитет Дрезден го основан Универзитетот Кидс во 2004 година.
- Универзитетот за технологија и економија Дрезден (Hochschule für Technik und Wirtschaft Dresden) бил основан во 1992 година и имал околу 5.300 студенти во 2005 година.[68]
- Универзитетот за уметност Дрезден (Hochschule für Bildende Künste Dresden) бил основан во 1764 и е познат по неговите поранешни професори и уметници, како што се Георг Грос, Саша Шнајдер, Ото Дикс, Оскар Кокошка, Бернардо Белото, Карл-Густав Карус, Каспар Давид Фридрих и Герхард Рихтер.
- Школата за танц Палука била основана од Грет Палука во 1935 година и е една од поголемите европски школи за слободен танц.
- Универзитетот за музика Карл Марија фон Вебер (Hochschule für Musik Carl Maria von Weber Dresden) бил основан во 1856.
Други универзитети се Универзитетот за црковна музика („Hochschule für Kirchenmusik“), школата специјализирана во црковна музика; Евангелистичкиот универзитет за социјална работа („Evangelische Hochschule für Sozialarbeit“, образовна институција за социјална работа. Меѓународниот универзитет Дрезден е приватен постдипломски универзитет, основан пред неколку години во соработка со Техничкиот универзитет Дрезден.
Истражувачки институти
[уреди | уреди извор]Во Дрезден се наоѓаат бројни истражувачки институти, некои од нив со меѓународен углед. Областите на делување на овие институти се микро- и нанотехнологијата, сообраќајот и инфраструктурните системи, материјалната и фотонската технологија и биоинженерството. Институтите се добро поврзани помеѓу себе, како и со останатите образовни институции.
Хелмхолц-Центар Дрезден-Росендорф е најголемиот комплекс на истражувачки објекти во Дрезден, надвор од урбаните средини на градот. Насочен е кон јадрената медицина и физиката.
Здружението Макс Планк се насочува кон основното истражување. Во Дрезден постојат три институти Макс Планк; „Институт за молекуларна биологија и генетика“, „Институт за хемиска физика“ и „Институт за физика на сложените системи“.
Здружението Фраунхофер има институти за применето истражување, кои нудат конкретни истражувања за претпријатијата. Со единаесет институти или делови на институти, Дрезден е град со најмногу институти од ова здружение во светот.[69]
Здружението Лајбниц е унија на институти со наука насочени кон основното истражување и применетото истражување. Во Дрезден постојат три институти на Лајбниц. „Институтот за полимерно истражување“ и „Институтот за состојбата на масата и истражување на материјалите“ се во областа на материите и високата технологија, додека „Институтот за еколошки и регионален развој“ повеќе е насочен кон основно истражување во урбаното планирање. Хелмхолц-Центар Дрезден-Росендорф бил дел од ова здружение до крајот на 2010 година.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Тековно население по општини во 2022 г.“. Статистичка служба на Саксонија. 2024. (германски)
- ↑ Одреден по член 2 од Уставот на Саксонија
- ↑ Region Sachsendreieck: Карта на Саксонскиот Триаголник
- ↑ 4,0 4,1 Dresden.de. „Праисториски времиња“ Архивирано на 19 август 2007 г. 24 април 2007 година.
- ↑ Natuurhistorisch Museum Rotterdam: Man-animal relationships in the Early Neolithic of Dresden (Saxony, Germany) Архивирано на 30 септември 2007 г.
- ↑ 6,0 6,1 Fritz Löffler, Das alte Dresden, Leipzig 1982, p.20
- ↑ „Geschichtlicher Hintergrund des Jubiläums "600 Jahre Stadtrecht Altendresden" (германски)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-13. Посетено на 2012-09-09.
- ↑ Дрезден во времето на Зеленка и Хасе
- ↑ Rüdiger Nern, Erich Sachße, Bert Wawrzinek. Die Dresdner Albertstadt. Dresden, 1994; Albertstadt – sämtliche Militärbauten in Dresden. Dresden, 1880
- ↑ Air Force Historical Studies Office: Историски анализи на бомбардирањето на Дрезден на 14-15 февруари 1945 вклучувајќи го списокот на сите бомбардирања
- ↑ Bergander, Götz. Dresden im Luftkrieg: Vorgeschichte-Zerstörung-Folgen, p. 251 ff. Verlag Böhlau 1994, ISBN 3-412-10193-1
- ↑ On the night of the 13th/14th RAF Bomber command dispatched 796 Lancasters and 9 Mosquitos in two raids as part of Operation Thunderclap dropping "1,478 tons of high explosive and 1,182 tons of incendiary bombs" (RAF Bomber Command 60th Anniversary – Campaign Diary February 1945)
- ↑ „BBC On This Day | 14 | 1945: Thousands of bombs destroy Dresden“. BBC News. 14 февруари 1945. Посетено на 5 мај 2009.
- ↑ BBC: Up to 25,000 died in Dresden's WWII bombing – report, 18 март 2010
- ↑ name="USAFHSO_Analysis">Air Force Historical Studies Office: Историски анализи на бомбардирањето на Дрезден на 14-15 февруари 1945 вклучувајќи список на сите бомбардирања
- ↑ Addison, Paul and Crang, Jeremy A. (eds.). Firestorm: The Bombing of Dresden. Pimlico, 2006. ISBN 1-84413-928-X. Chapter 9 p.194
- ↑ „On Dresden Anniversary, Massive Protest Against Neo-Nazi March | Germany | Deutsche Welle | 14.02.2009“. Dw-world.de. Посетено на 2009-05-05.
- ↑ „Geh Denken – Startseite“. Geh-denken.de. Архивирано од изворникот на 2009-04-29. Посетено на 2009-05-05.
- ↑ Дрезденска долина на Елба, UNESCO World Heritage Register. 27 јуни 2009.
- ↑ 20,0 20,1 Дрезден го загубил статусот светско културно наследство од УНЕСКО, Deutsche Welle, 25 јуни 2009. 27 јуни 2009.
- ↑ 21,0 21,1 Мост го тргна Дрезден од списокот на светско културно наследство, The Guardian, 25 јуни 2009. 27 јуни 2009.
- ↑ (германски) Weltkulturerbe: Unesco-Titel in Gefahr, Focus, 14 март 2007; 15 мај 2007
- ↑ Дрезден е избришан од списокот на светското наследство на УНЕСКО, UNESCO World Heritage Centre, 25 јуни 2009. 4 јули 2009.
- ↑ Connolly, Kate (25 јуни 2009). „Bridge takes Dresden off Unesco world heritage list | World news“. London: The Guardian. Посетено на 2009-11-01.
- ↑ Dresden.de: Местоположба, површина, географски податоци Архивирано на 6 мај 2008 г.
- ↑ 26,0 26,1 26,2 Список на градови во Германија со повеќе од 100.000 жители
- ↑ Дрезден: Дрезден - Зелен град
- ↑ Deutscher Wetterdienst: Просек на периодот од 1961 до 1990
- ↑ „Дрезден, Германија“.
- ↑ „Ausgabe der Klimadaten: Monatswerte“.
- ↑ 31,0 31,1 Dresden: Einwohnerzahl Архивирано на 12 септември 2008 г.
- ↑ Статистичка служба на Саксонија: Население и површина на Саксонија од 1815 па наваму
- ↑ Статистичка служба на Саксонија. „Население на саксонските градови и општини“. Посетено на 2010-05-07.
- ↑ citypopulation.de quoting Federal Statistics Office. „Principal Agglomerations (of Germany)“. Посетено на 2008-05-17.
- ↑ Регион Дрезден. „Статистички податоци за регионот Дрезден“. Архивирано од изворникот на 2008-10-05. Посетено на 2008-05-17.
- ↑ Дрезден: Население Архивирано на 6 мај 2008 г.
- ↑ Статистичка служба на Саксонија: Sachsen sind im Durchschnitt 45 Jahre alt – Dresdner am jüngsten, Hoyerswerdaer am ältesten (германски)
- ↑ „Gemeindeordnung für den Freistaat Sachsen (SächsGemO), §2“. Архивирано од изворникот 2007-03-12. Посетено на 2007-03-12.
- ↑ Dresden.de: Градски совет
- ↑ Дрезден: Градски совет
- ↑ „Dresden.de“. Архивирано од изворникот 2008-02-05. Посетено на 2008-02-05.
- ↑ УНЕСКО: Одборот за светско наследство се закани со повлекување на Дрезденската долина на Елба (Германија) од списокот на светското наследство
- ↑ Дрезден: Продажба на WOBA Dresden GmbH (германски)
- ↑ „Дрезден - Партнерски градови“. © 2008 Landeshauptstadt Dresden. Архивирано од изворникот на 2007-10-23. Посетено на 2008-12-29.
- ↑ „Официјален портал на Градот Скопје - Збратимени градови на Скопје“. © 2006–2009 Град Скопје. Архивирано од изворникот на 2018-12-25. Посетено на 16 септември 2012. Надворешна врска во
|publisher=
(help) - ↑ Staff. „Hamburg und seine Städtepartnerschaften“. Официјална страница на Хамбург [1]. Посетено на 5 август 2008. Надворешна врска во
|publisher=
(help) (германски) - ↑ Semperoper: Историја на Sächsische Staatskapelle Архивирано на 5 април 2008 г.
- ↑ „Staatsoperette Dresden“. Архивирано од изворникот на 2008-02-16. Посетено на 2012-12-08.
- ↑ „Kreuzchor“. Архивирано од изворникот на 2016-05-22. Посетено на 2012-12-08.
- ↑ http://www.dresden-theater.de
- ↑ Staatliche Kunstsammlungen Dresden: Museums Архивирано на 19 октомври 2007 г.
- ↑ Deutsches Hygiene-Museum: Deutsches Hygiene-Museum – The Museum of Man Архивирано на 2 јануари 2011 г.
- ↑ „State Museum of Prehistory“. Архивирано од изворникот на 2008-03-03. Посетено на 2013-01-05.
- ↑ Festung Dresden
- ↑ „Dresdner Verein Brühlsche Terrasse“. Архивирано од изворникот на 2012-07-22. Посетено на 2013-01-05.
- ↑ Dresden: Monument preservation Архивирано на 29 јануари 2008 г.
- ↑ Staatliche Kunstsammlungen Dresden: Историја на кралскиот замок Архивирано на 23 март 2006 г.
- ↑ Staatliche Kunstsammlungen Dresden: Историја на Цвингер и Земпер Архивирано на 27 септември 2007 г.
- ↑ Римокатоличка бискупија Дрезден-Мајсен: Катедрала Св. Троица во Дрезден Архивирано на 6 март 2008 г.
- ↑ Evangelisch-Lutherische Kreuzkirchgemeinde Dresden: Историја на Црквата на Светиот Крст Архивирано на 29 април 2008 г.
- ↑ Dresdner Verkehrsbetriebe: Profile
- ↑ Dresdner Verkehrsbetriebe: CarGoTram
- ↑ „Sächsischer Landtag“. Архивирано од изворникот на 2008-03-15. Посетено на 2013-02-13.
- ↑ „Oberlandesgericht Dresden“. Архивирано од изворникот 2008-01-02. Посетено на 2008-01-02.
- ↑ Сојузна агенција за вработување: Податоци и временски низи за германскиот пазар на труд Архивирано на 12 ноември 2008 г.
- ↑ Служба за статистика на Саксонија: Регионални БДП во 2004
- ↑ Technische Universität Dresden: Профил
- ↑ Универзитет за технологија и економија Дрезден: Известување за печатот Архивирано на 7 јуни 2007 г.
- ↑ Здружение Фраунхофер: Институти
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Дрезден“ на Ризницата ? |
Википатување има туристички водич за Дрезден. |
- Официјална страница на градот
- Официјално туристичко биро Архивирано на 7 март 2012 г.
- Страница на Dresdner Verkehrsbetriebe, јавното сообраќајно претпријатие
- Мрежа на карти за системот на јавниот превоз Архивирано на 30 септември 2012 г.
|
|
|
Статијата „Дрезден“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |
|